Над 40 мртви вo потонување на траект на езерото Викторија

Повеќе од 40 луѓе загинале кога потонал траект во јужниот дел од езерото Викторија соопшти портпаролот на владата на Танзанија на државната телевизија, а се стравува дека бројот на жртвите би можел да биде многу поголем.

„Според информациите коишто претседателот Џон Магуфули ги доби од локалните власти на Мванза, загинале повеќе од 44 лица“, изјавил портпаролот.

Траектот „ Nyerere“ потонал додека на него се наоѓал непознат број патници во четвртокот попладнето по локално време, во близина на островот Укара, на југот од големото езеро Викторија, според соопштението на танзаниската Агенција за електронски услуги, оператор на бродот.

„На бродот имало повеќе стотици луѓе кога потонал, се стравува дека голем број од нив ги загубиле животите“, изјавил функционер од округот Укереве, во областа Мванза. Според првичните процени, на бродот се наоѓале најмалку 400 луѓе. Околу 100 луѓе биле спасени, додека за 32 лица се наведува дека се во критична состојба

Траектот превезувал и стоки. Потонал во близина на пристаниште. Причината за несреќата засега е нејасна, но најчесто ваквите несреќи се случуваат кога траектите се преоптоварени, а во бродовите нема појаси за спасување, па често има многу загинати. Така, на истото езеро Викторија во потонување на траект во 1996 година загинаа повеќе од 800 лица.