Најмалку 35 убиени во два бомбашки напада во Ирак

Photo by AFP

Најмалку 35 луѓе се убиени и уште други 45 се ранети во терористичките напади од петокот во јужниот град Басра и во ирачката престолнина Багдад, соопштија во саботата ирачките власти.

Како што пренесува телевизијата As Sumaria повикувајќи се на властите на Багдад, првата експлозија во главниот град се случила кога терорист во автомобил со експлозив бил запрен за проверка при влезот во шиитскиот кварт Аби Дашир. Втората експлозија била самоубиствен бомбашки напад извршен со автомобил-бомба во близина на полициска станица во истата населба. Како што истакнале во штабот за безбедносни операции на округот на Багдад, ирачкото разузнавање дошло до информации дека се подготвуваат терористички напади, и поради тоа биле засилени контролите и безбедносните мерки на контролните пунктови.

Претходно истиот ден слични инциденти се случиле на контролни пунктови на северот и југот од градот Басра. Според администрацијата на покраината, жртви во населбата Римајла се најмалку седум лица, а повеќе десетици биле ранети. Жртвите и настраданите се патници во автобус кој се наоѓал во близина на експлозијата, главно жени и деца.

Подоцна во Садр во вооружен напад биле убиени тројца ирачки војници, а уште тројца биле ранети.

Одговорноста за сите напади ги презема ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава.