Продолжуваат скандалите поврзани со изборот на новите 19 амбасадори кои треба да ја претставуваат Македонија во странство.
Откако беше обелоденето дека помеѓу кандидатите има такви кои не ги исполнуваат законските норми и имаат двојно државјанство, но и кандидати кои немаат врска со дипломатија, сега се дознава дека дел од кандидатите наместо професионални се партиски кадри на СДСМ и блиски до министерот Никола Димитров, пренесува Вечер.
Така кандидат за амбасадорското место во Брисел е Игор Поповски кој моментално работи во МНР во Директоратот за мултилатерални односи. Поповски во јавноста може да се забележи како еден од најблиските соработници на министерот Никола Димитров, но и како истакнат член на СДСМ и активист на „Шарената револуција“.
Амбасадата во Атина треба да ја пополни Лидија Бошковска која е и актуелен вршител на должност на таа функција. Бошковска исто така важи за еден од најблиските соработници на Димитров, додека пак нејзиниот профил на Фејсбук повеќе наликува на партиски памфлет на СДСМ.
За амбасадата во Прага кандидат за амбасадор е Сашко Тодоровски, сопруг на поранешната претседателка на Хелсиншкиот комитет, Мирјана Најчевска која важи за еден од најистакнатите активисти на „Шарената револуција“. Тодоровски исто така е познат по тоа што како претседател на македонската дипломатска служба го повикуваше синдикалното членство да гласа за СДСМ.
Иако министерот Никола Димитров изјави дека наместо политички, сега ставале професионални амбасадори, нејасно е како кршење на Законот за надворешни работи и поставување на партиски активисти за амбасадори значи професионализација.
Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи испрати одговор на прашањата на Вечер.мк за тројцата кандидати за кои постојат јавно објавени информации дека имаат двојно државјанство и по два пасоши.
– Според дипломатската пракса, во оваа фаза од постапката за именување на амбасадори, не се коментираат можните кандидати. Што се однесува до исполнетоста на условите за именување амбасадор, од поставените прашања, се докажуваат со соодветни документи кои кандидатот ги приложува. Имено, кандидатот доставува изјава заверена на нотар дека не е државјанин на друга држава. Министерството не врши друг тип на проверки на овие факти. Министерството за надворешни работи, во светло на своите законски обврски, децидно стои на ставот дека нема да биде испратен за амбасадор ниту еден кандидат кој нема да ги исполни формално-правните услови предвидени за овој ангажман. Воедно, изразуваме задоволство што нашите напори за професионализација на дипломатската служба се ефектуираат преку доминантна застапеност на професионален дипломатски кадар за амбасадори, којшто пресликан во бројки изнесува 80% во полза на професионализацијата, одговориле од МНР.
Согласно позитивните законски прописи во Македонија, ако има сомнеж или јавна индиција дека изјавата заверена на нотар е лага, тогаш треба МНР да си побара од истражен орган да си провери пред да назначи определен кандидат за амбасадор, велат искусни дипломати за Вечер.мк.
Останува да видиме дали претседателот Стево Пендаровски ќе ги одобри незаконските и партиските кандидати или пак ќе ги врати указите и ќе побара од Димитров и владата нови и професионални кандидати за амбасадори.