Колку убав и величествен историски ден, нека ни е со среќа, рече денес во Нивици/Псарадес, во Преспа пред потпишувањето на договорот за промена на името меѓу Македонија и Грција премиерот Зоран Заев. Своето обраќање Заев го започна со парафразирање на мисли од Аристотел, а го заврши со тоа дека е горд на фактот што се става крај на еден тридецениски спор.
„Дозволете ми да парафразирам две мисли од Аристотел. Нема да можеш да постигнеш ништо без храброст и надежта е буден сон. Овие две мисли говорат дека кога има надеж и храброст можеш да поместиш планини. Со потпишувањето на овој договор навистина поместивме планини. Кога многумина се сомневаа, потврдивме дека е возможно. Ставаме крај на еден спор. Прашањето беше отворено три децении. Затоа јас и Ципрас и министрите за надворешни работи заедно со нашите претставници, тргнавме во потрага по решение и стигнавме до решение”, рече Заев во своето обраќање пред потпишување на договорот со Грција.
Три децении решаваме спор, но за мене е важно дека овие три децении не научија на нешто многу важно.
„Научивме дека треба да учиме од историјата, а не да ја повторуваме. На темелите од минатото градиме иднина. Со овој договор добиваме охрабрување и аспирација за поголема доверба меѓу двете земји. Решението и процесот низ кој поминавме ни донесе пријател. Ќе бидеме партнери и сојузници. Добиваме нова реалност”, рече премиерот Заев.
Горди сме на овој наш договор затоа што се обединивме околу еден наш спор кој не делеше, го заврши Заев своето обраќање.