Во врска со појавените шпекулации дека како долгогодишен Претседател на партијата ќе поддржам или фаворизирам или како што велат „ќе застанам зад“ еден или друг од можните кандидати за претседатели на партијата во очи претстојниот 16- ти вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, сакам да одговорам на овие гласини и шпекулации, се вели во ФБ статусот на довчерашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Ја информирам јавноста, a особено партиското членство и делегати на Конгресот дека повеќето од оние личности чии имиња секојдневно се спомeнуваат во медиумите како потенцијални кандидати за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ, се мои долгогодишни соработници и пријатели, луѓе со кои, со години заеднички сме работеле и заеднички сме носеле и сеуште носиме одлуки во партијата, а со дел од нив и во Владата, сме делеле и добро и лошо, и со сите нив имам блиски релации, како службени, така и приватни. Затоа, јас не планирам да се мешам во одлуките на делегатите, ниту да им сугерирам кого да поддржат и одберат за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ, напиша Груевски.
Имајќи предвид дека сите тие беа и сеуште се мои блиски соработници, додава Груевски, јас не планирам „да застанам зад еден“, да фаворизирам еден, а на сметка на другите кандидати користејќи го моето влијание како долгогодишен Претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Изборот на Претседател на ВМРО-ДПМНЕ треба да е демократски и да произлегува од длабоката верба кон таа личност на оние кои ќе гласаат и оние кои им ја делегираат таа привилегија – членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сметам дека секој од можните кандидати чии имиња се споменуваат во медиумите досега има доволно искуство, знаење, визија и капацитет, доколку биде избран од конгресот со сигурност и убедливо да го победи СДСМ и Зоран Заев на следните избори, доколку има рамноправен терен за политичка борба, доколку останат доследни до своите принципи и декларирани ветувања и доколку ја задржат сопствената независност. На кандидатите им сугерирам да водат фер внатрепартиски политички натпревар и да внимаваат на достоинството и угледот на противкандидатите, бидејќи изборот ќе заврши за дванаесет дена и потоа секој и е потребен на партијата независно дали како член на раководството, пратеник или било каков соработник или поддржувач со значително искуство и авторитет. Најмногу од се, секој е одговорен да внимава за задржување на единството на партијата, како до, така и по Конгресот, вели Груевски.
ВМРО-ДПМНЕ е партија, нагласува тој, која многумина во овој момент би сакале да ја видат поделена, раскарана и дефокусирана од најзначајните прашања за државата и нацијата. Кандидатите за претседател, а потоа и избраниот претседател имаат голема одговорност во однос на задржување на единството на партијата, а со тоа и нејзината сила, моќ и влијание.
„Независно колку сте познати на членовите и делегатите од вашиот досегашен политички ангажман, од Ваша страна се очекува коректно и навремено во наредните 6-7 дена соодветно и транспарентно да ги презентирате вашите ставови пред членството околу Вашата визија, политики кои планирате да ги водите за сите сегменти на политичкиот живот, сите сектори и за најважните државни и национални прашања, а по можност и за клучните лица и кадровски решенија кои би биле во вашиот тим доколку бидете избран за Претседател на партијата. Тоа е фер и нормално очекување од секој од кого очекувате поддршка“, напиша Груевски.
На делегатите на Конгресот, подвлекува Груевски, „сакам да им сугерирам пред гласањето на Конгресот да извршат посета и консултации со нивната база од каде доаѓаат, најмалку со општинските и месните комитети од каде ја влечат својата моќ и да не заборават дека тие пред се се делегати, дека се делегирани да го застапуваат во Конгресот преовладувачкото мислење на голем број членови на партијата од нивниот реон, а не да го застапуваат само своето мислење или да влегуваат во непринципиелни или нечесни задкулисни договарања“.
„На членовите на партијата им сугерирам, при градењето на сопствениот став и неговото пренесување во партиските тела и до делегатите, да се водат од општиот интерес на партијата и државата и да дадат поддршка за оној за кого веруваат дека најдобро ќе ја води партијата и државата по враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт. Да не заборават дека улогата и довербата кон лидерот на партијата од страна на електоратот е одлучувачка при гласањето на изборите. Да не забораваат дека на 23-ти декември треба да го одберат идниот Премиер на Република Македонија“, заклучува Груевски.