Дијалог меѓу Скопје и Софија има, но договор нема и македонскиот и бугарскиот премиер тврдат дека во мај нема ништо да биде потпишано.
Бигатскиот премиер Кирил Петков во Софија во петокот пред пратениците ги отфрли тврдењата дека на 22-ри мај во Македонија двете влади ќе стават потпис на конкретен документ. Петков вели дека дури и доаѓањето на бугарската делегација не е финализирано.
„Средбата сѐ уште не е финализирана, но едно е сигурно, ние само го продолжуваме конструктивниот дијалог, но нема да биде потпишано ништо конкретно“, рече Петков.
И неговиот македонски колега по должност, Димитар Ковачевски, во петокот потврди дека министерствата за надворешни работи на Македонија и Бугарија комуницираат но нема усогласен документ. Ковачевски порача дека не сака да ги „крева очекувањата за деблокада“ во јуни и вели дека не се врзува со датуми.
„Што се однесува до јуни како некаков датум, точно е дека тогаш ќе има Самит на ЕУ, но ние воопшто не се врзувавме со датуми зашто ни треба решение кое ќе биде прифатено во двете држави и за кое ќе постои консензус, бидејќи тоа треба да биде основа за градење на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија во иднина, како меѓу себе, така и во рамки на ЕУ“, рече Ковачевски.
Официјални претствници на Франција велат дека Париз ќе организира меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, доколку Скопје и Софија постигнат договор.
„Францускиот министер, ја подвлече целосната поддршка на Франција за постигнување балансиран и взаемно прифатлив компромис меѓу Бугарија и Северна Македонија. Потсети дека Франција е решена, во случај на договор, да организира меѓувладини конференции меѓу ЕУ и Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро за време на нејзиното претседавање со Советот на Европската унија“, соопштија од француското министерство за надворешни работи.
Во Софија два дена зад затворени врати работи и Заедничката комисија за историски прашања. Копретседавачот Драги Ѓоргиев пред почетокот на средбата порача дека бугарскиот пристап во работата не дава многу надеж за договор