Нема нова средба на работните групи за Законот за ЈО

Сѐ уште не е закажана средба на работните групи на власта и на опозицијата за утре, сабота, велат извори од Министерството за правда, по информациите дека викендов тимовите на двете страни ќе ги продолжат разговорите за предложените измени во Законот за јавно обвинителство.

На последната средба на тимовите присуствуваа и лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Зоран Заев и Христијан Мицкоски. По седум часа состанок во Собранието, тие следниот ден излегоа со силни меѓусебни обвинувања, но оставија простор за идни средби.

Беа разменету предлози за можни законски решенија. Премиерот Заев рече дека е прифатлив предлогот, новото обвинителство да го води обвинител предложен од опозицијата, кој потоа ќе го избере парламентарното мнозинство, а ќе го верификува Советот на јавни обвинители, но дека тој мора да биде „издржан тешкаш“. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, кој е и дел од преговарачкиот тим на опозицијата, рече дека добиле и предлог од владиниот тим за законот за обвинителство, а потоа и тие доставиле свој предлог.

ВМРО ДПМНЕ предлага и нова методологија за избор на првиот човек на организиран криминал со којашто тие сметаат ќе се обезбеди независност во работењето.

Се предлага и за таа позиција покрај обвинители да може да конкурираат и професори по право.