Министерот за здравство Венко Филипче на состанокот со претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски и Сузана Маневска, на кој телефонски се консултираа со сите членови на Комисијата, во четвртокот попладнето одлучија дека нема да дадат препорака за нови рестриктивни мерки, извести Минисерството за здравство.
Комисијата за разгледување на нови дополнителни мерки ќе одлучува на состанокот в понеделник, за да се даде време да се утврди дали мерките кои се веќе на сила даваат резултат, се додава во информацијата.
„Комисијата ја следи епидемиолошката ситуација и доколку е потребно после викеднот ќе препорача дополнителни рестриктивни мерки, како целосно затворање на некои економски оператори и ограничување на движењето дали во текот на едно деноноќие, во попладневните часови или за време на викенд“, велат од Министерството за здравство.
Како што претходно во четвртокот посочи министерот Филипче, доколку доследно се почитуваат мерките коишто во моментов се на сила, тие би дале резултати исти какви што би дал и полицискиот час.
Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести апелираат на целосно и доследно почитување на мерките кои се на сила како забрана за работа на угостителски објекти после 21 часот, групирање повеќе од 4 лица во текот на 24 часа како и максимално почитување на протоколите на сите економски оператори.