Македонскиот кошаркарски репрезентативец Ненад Димитријевиќ речиси сигурно ќе го пропушти ноемврискиот квалификациски циклус за пласман на СП 2023 во кој ќе ја пречекаме Шпанија, а ќе и гостуваме на Украина.
Причина за ова, сепак, нема да биде негова лична одлука да не го прифати повикот на селекторот Драган Бајиќ, каков што беше случајот во претквалификациите играни во август, туку неговото отсуство овој пат ќе биде поради повреда. Денешните информации од неговиот тим Валенсија велат дека Димитријевиќ има повреда на задниот дел од бутниот мускул, добиена на неодамнешниот меч против Будуќност од Еврокупот, поради која најмалку шест недели ќе биде надвор од теренот.
Македонската селекција на првиот дел од патот кон Мундобаскетот покрај Шпанија и Украина, против кои играме во првиот циклус, е во група и со селекцијата на Грузија.