Во оваа моја колумна немам намера да пишувам за состојбите на овој битолски универзитет, од владеењето на поранешниот (два мандата) ректор Сашо Коруноски, ниту за работата на пензионираната генерална секретарка Офелија Христовска, за ангажираниот адвокат Горан Попоски и наградите што ги добивал од универзитетот, ниту за тоа како се распродава и на кого добиената зграда е дадена за користење на Универзитетот бр.9 на КП 17595 во поранешната касарна за што се користи, кои се користат како магацински простор од некои фирми и се користи како магацински простор? Има многу прашалници за одговор кој треба да одговори новата ректорска управа кој раководи со битолскиот универзитет и да постапи законито во спротивно е соучесник на криминалот и корупцијата.
Види повеќе: Дали има злоупотреба на поранешниот ректор Сашо Коруновски?
Што презема новата ректорска управа во борбата против корупцијата, непотизмот и како што се искажуваат загрижени професори од факултетите за квалитетот на наставниот кадар и нов подмладок. Деновиве на мојот меил добив писмено известување од загрижени професори и кандидати кои се обидуваат да се ангажираат на некои факултети, но не можат или се „плашат“? Па, излезот го бараат надвор од Република Македонија! Затоа сакам да ја запознаам македонската јавност со СВЕСНО заспаната „убавица“ новиот ректорат.
Еве што пишува во писмената реакција:
„Николина Неновска – раководител на Секторот за финансии во ректоратот (м.з. УКЛО-Битола) и сега има овластување како Генерален секретар (м.з. под Генералниот секретар се сите Сектори и тоа сектор за општи и правни работи, воедно го води и секторот за финансии, сметководство, инвестиции и развој… како и големо влијание на факултетите). Нејзиниот сопруг Зоран Неновски го вработи во администрацијата на Техничкиот факултет во Битола. Нејзиниот син Благој Неновски е вработен како доцент на Правниот факултет-Битола-Кичево.
Сега нејзината ќерка конкурирала за доцент на Биотехничкиот факултет-Битола. На конкурсот за избор не им се дозволуваше да конкурираат други кандидати. На некои дури им се закануваа за да не конкурираат, а на некои кандидати кои поднесуваа документи до факултетот им велеa дека ќерката на Николина е примена и дека зад неа стои цел ректорат и цел универзитет. Ако некој конкурира никогаш повеќе нема да имаат шанса да конкурираат на факултетот. Најверојатно ќерката на Николина е единствен кандидат после сите заканувања и притисоци кон другите кандидати. Ќерката на Николина е од сосема различна област од тоа што се бара на Биотехничкиот факултет и не ги исполнува условите. Нема и просек кој се бара според Законот. Но, деканката на факултетот Гордана и претседателот на сенатот Никола Јанкуловски кој е и професор на Биотехничкиот факултет со присила ги тераат професорите да донесуваат одлуки за прием на ќерката на Николина. Најверојатно и Никола Јанкуловски може да биде и рецензент за да се прими ќерката на Николина. Деканката Гордана и претседателот на Сенатот Никола Јанкуловски континуирано вршат притисоци на сите професори и вработени на Биотехничкиот факултет да ја вработат ќерката на Николина по секоја цена.
Ректоратот на Универзитетот и сите инспекции и Антикорупциска ВЕДНАШ треба да преземат конкретни мерки.
ОВА Е РУБРИКА ВЕРУВАЛЕ ИЛИ НЕ!
Николина Неновска како шеф на сметководството во ректоратот учествуваше и ги прикриваше сите криминали на претходниот ректор Сашо Коруновски.
Исплаќаа на адвокат по повеќе од 40.000 денари месечно, ја издаваа зградата на Универзитетот во поранешната касарна за личен интерес, а Универзитетот нема право да издава под закуп. Веројатно уште таа зграда незаконски ја користат некои фирми.
ДАЛИ Е МОЖНО ЧЕТИРИ ЛИЦА ОД ЕДНА ФАМИЛИЈА СИТЕ ДА БИДАТ ВРАБОТЕНИ НА УНИВЕРЗИТЕТ? ДАЛИ ПОСТОИ ПОГОЛЕМ НЕПОТИЗАМ…
Што сега ректоре-има ли НЕПОТИЗАМ!
Ректоре Игор Неделковски, дали сте запознати со реакцијата на загрижени професори и кандидати кои се обидуваат да се ангажираат на некои факултети, но неможат или се „плашат“? Одговорот ќе Ви биде НЕ! А, дали сте запознати дека Николина Неновска како шеф на секторот за финансии, сметководство и развој во ректоратот има овластување како генерален секретар. Сигурно ДА! Вие како ректор сте ја поставиле. Сигурно знаете за неспоивоста на функциите: Генерален секретар и раководител на сектор за финансии, сметководство, инвестиции и развој и има влијание врз факултетите! Ова е спротивно на Законот за спречување на корупција и судир на интереси!
Ректоре, ова е спротивно на член 2 став 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси (Сл.весник на РМ.бр.12/2019) каде стои: „под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности“.
Што Вие ректоре преземате или презедовте за ваквите состојби? Ако се премолчува, тогаш има сомнеж за соучесништво во криминал и корупција!? Очекувам јавно да се произнесете, како ректор, ректорска управа, како и сенатот на универзитетот!
Ваквите дејанија Ректоре, согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси согласно член 8 став 7 го губат „интегритетот“ што подразбира законито, независно, непристрасно, етичко, одговорно и транспарентно вршење на работи со кои службените лица го чуваат својот углед и угледот на институцијата…“. Па, добро е ректоре да го одработите со вашите „правни експерти“ членот 160 став 6 од Законот за високо образование, каде стои: „На иста единица на универзитетот не можат да бидат избрани во наставно-научни, наставно-стручни, научни, наставни и соработнички звања лица кои се роднини по крв во прва линија до кој и да е степен“.
Ректоре, во Анексот на Билтенот на УКЛО бр.507 од 15.06,2023 година, повикајте ја деканката Гордана на Биотехничкиот факултет, да објасни во која област конкурирала ќерката на овластениот Генерален секретар Николина Неновска на Биотехничкиот факултет, во кое научно подрачје во делот на биотехнолошките науки или економски, а во која област припаѓа ќерката на овластениот генерален секретар? Нека се произнесат и од рецензионата комисија. Затоа што и тие сносат одговорност!
Ректоре, што преземате за подобрување на Економскиот факултет во Прилет при УКЛО-Битола?
Ректоре само да ве потсетам. Иако сте запознаени, за случувањата на овој факултет, пишував пред една година, (тогаш бевте проректор) каде што имаше реакции од студенти и професори, а се однесуваше за реакредитација на студиските програми за академската 2021/2022 година, за додипломски студии, со што наставниот предмет Статистика да биде изборен на некои студиски програми, наместо како до сега задолжителен предмет. За ваквиот непромислен чекор на раководството на Економскиот факултет-Прилеп, поддршка им дадовте и вие во ректоратот на Битолскиот Универзитет „Свети Климент Охридски“ Битола.
Види повеќе: СКАНДАЛ: Економскиот факултет во Прилеп го исфрла предметот Статистика како незадолжителен
Реакциите не стивнуваат откога Наставно-научниот совет на овој факултет одржан на ден 22.02.2023 година, донел Одлука за демонстратор од областите Менаџмент, Маркетинг и Бизнис во академската 2022/2023 година, се избира Е.Т, студент на трет циклус на Економскиот факултет-Прилеп. Демонстраторот Е.М. ќе држи вежби по предметите: Сметководство, Финансиска теорија и политика и Меѓународни финансии, со што ќе им врши администрирање на предмети кај професори и тоа на: Гордана Трајкоска, Пеце Николовски, Каролина Илиеска, Анета Ристеска Јанкулоска, Илија Христоски, Маргарита Јанеска, Мирослав Гбероски, Татјана Спасеска, Емилија Ѓорѓиоска, Љупче Маркушески, Снежана Обедниковска и Виолета Глигоровски.
Што презедовте со проблемот што се соочува Економскиот факултет Прилеп?Дали има одговорност деканот на овој Економски факултет?
На прашање на професор на факултетот пред Наставно-научниот совет кој истакнал: „за да го видиме квалитетот на студентите на докторски студии ги доставувам тестовите од проверка на претходните знаења на студентите по предметот Квантитативни истражувачки методи, кои исто така треба да ги валидираме за активност. На тестовите студентите добија 4.5 поени, 4 поени, 1.5 поени и 1 поен. Да знае македонската јавност и академската фела – Апсурд! Тестот содржел 10 задачи, а секоја задача носела по еден (1) поен. Тежината на тестот бил што осум (8) задачи биле од основно образование и две (2) задачи од средно образование. Само од ваквиот тест може да се види очајниот квалитет на студентите на трет циклус на студии. ДНО. Дали е вака само на овој факултет? НЕ! На повеќе факултети-универзитети во Македонија!.
И не е само овој свесен апсурд на овој Економски факултет-Прилеп, не е мал и скандалот на овој факултет по однос на плагијат кој го направиле професорите д-р Љупче Маркушески и д-р Игор Здравкоски и Александра Јованоска… но, за ова треба да расправа надлежните на факултетот, и во ваква ситуација деканката на факултетот проф. д-р Драгица Оџаклиеска треба да си поднесе неотповиклива оставка, а ректорот и ректорската управа при УКЛО-Битола, да не ги прикриваат ваквите скандали и да има одговорност. Треба да проработи Етичкиот кодекс на Економскиот факултет-Прилеп. Економскиот факултет-Прилеп не го заслужува да го има ова ниско ниво.
Ајде ректоре, Вие сте одговорни за несаканите случувања и образовни криминали и непотизам на битолскиот универзитет. Пак ќе ве потсетам за некое догледно време.
На ред се институциите: ОЈО-Битола, ДКСК, Државниот просветен инспекторат и други.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес