Нестле укинува 380 работни места во Германија

Швајцарскиот прехранбен гигант Нестле денеска најави дека ќе укине околу 380 работни места во Германија поради намалената побарувачка и релокација на производството.

Нестле вработува повеќе од 330.000 луѓе ширум светот, а во јуни најавија затворање на фабриката во Лудвигсбург, каде што вработува околу 100 работници за производство на замената за кафе Каро и пржени житарици.

Во денешното соопштение за медиумите, тие најавија и затворање на лабораторијата во баварскиот Вајдинг, каде што 85 луѓе ќе останат без работа.

Дополнителни 106 работни места ќе бидат укинати во фабриката за бебешка храна во Бисенхофен во Баварија, а уште 95 во погонот во Лидингхаузен каде се произведува Маги.

Соопштението е објавено по договорот на управата и синдикатот за отпремнина на работниците кои ќе останат без своите работни места.

Тоа ни дава сигурна рамка за создавање на нашите индустриски структури прилагодени на многу динамичната средина, обележана со чести промени, соопштија од Нестле, пренесе Ројтерс.