Нетанјаху го одби Бајден, решителен да започне напад врз Рафах

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја отфрли молбата на американскиот претседател Џо Бајден да се откаже од планираниот копнен напад врз Рафах, последното засолниште за повеќе од милион ипол раселени луѓе во палестинската енклава Појасот Газа, но и град на самата граница со Египет кој Израел го смета за засолниште на исламистичките борци на радикалното исламистичко движење Хамас.

Нетанјаху им рече на пратениците во вторникот дека „апсолутно јасно му ставил до знаење“ на американскиот претседател дека Израел е решен да ја заврши елиминацијата на бригадите на Хамас во Рафах и дека единствениот начин да го направи тоа е со влегување на теренот.

Двајцата лидери разговараа во понеделникот, а советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, рече дека Вашингтон го смета копнениот напад за „грешка“ и верува дека Израел може да ги постигне своите воени цели на други начини.

Нетанјаху потврди дека има несогласување со Американците за потребата од воен продор во Рафах, но не и за потребата да се елиминира Хамас, додавајќи дека не гледа начин да се елиминира движењето без да се уништат преостанатите негови баталјони.

Вашингтон покрена нова дипломатска иницијатива за прекин на огнот со цел да ги ослободи преостанатите заложници, повеќе од 100-ина, по речиси шест месеци, и да испорача поголема помош во енклавата и да спречи гладување.

Главниот државен секретар Антони Блинкен најави нова посета на Блискиот исток каде што ќе се сретне со лидерите на Египет и Саудиска Арабија за да разговараат за „вистинската архитектура за траен мир“. Блинкен досега не спомна дека би можел на паувањето да се запре во Израел, а израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека не биле информирани за да ја подготват неговата посета.

Според Министерството за здравство на Хамас, во израелската офанзива на Појасот Газа загинале речиси 32.000 луѓе, од кои повеќе од третината се деца. Израел ја оспорува таа бројка, која инаку ја потврдуваат и стручњаците од ОН и од меѓународните хуманитарни организации, и вели дека Хамас не го наведува бројот на загинатите борци. Војната избувна откако Хамас изврши координиран и смртоносен напад без преседан врз воени бази, градови, населби и кибуци во јужен Израел и музички фестивал на 7 октомври, при што беа убиени околу 1.200 луѓе, од кои речиси 900 цивили, а во заложништво во Газа тогаш беа однесени 253 луѓе.

Во двата досегашни прекини на огнот, Хамас ослободи околу 100 заложници во замена за неколку стотици Палестинци од израелските затвори, сите малолетници и жени. Повеќе од 100 заложници, меѓу кои 19 девојчиња и две деца, сѐ уште се во заробеништво, според израелски извори. Различни извештаи велат дека досега се убиени 60 заложници, некои и во напад од израелските сили.

Преговорите за прекин на огнот ќе продолжат оваа недела во Катар. Според информациите, ќе се разговара за шестнеделно примирје во кое Хамас би ослободил 40 заложници за неколку стотици палестински затвореници. Но Хамас засега не прифаќа привремено примирје, туку бара поширок план за целосно завршување на војната. Во спротивно, соопштија од организацијата, нема да ги ослободат заложниците.

Израел последните седмици извршува насочени напади врз лидерите на тоа исламистичко движење. САД потврдија дека Израел во текот на ноќта го убил Марван Иса, заменик командант на военото крило на Хамас во Појасот Газа.