Ниеден патник не го преживеа пожарот на туристичкиот брод кај Калифорнија

Ниеден од 34-та патници на туристичкиот брод наменет за нуркачки излети не го преживеал пожарот поради кој пловилото потона крај калифорнискиот остров Санта Круз, соопштија властите, додека нуркачите се подготвуваат за извлекување на 14 тела за кои веруваат дека сѐ уште се наоѓаат во бродот или во океанот.

Мноштво луѓе носат и во средата фотографии, белешки и цвеќе во пристаништето недалеку од местото каде што потона 23-метарискиот брод „Conception“во понеделникот утрото и остана на дното на морето на повеќе од 18 метри длабочина.

Оскудни детали за жртвите на возраст меѓу 17 и 60 години почнуваат да се појавуваат, а експертите ќе мора да спроведат ДНК анализи на тешко изгорените телесни останки на 20 луѓе за да ги потврдат нивните идентитети. Во вторникот американските медиуми објавија дека нуркачите пронашле 25 тела, но официјална потврда на оваа информација сѐ уште нема. Властите соопштија дека е потрбена ДНК за позитивна идентификација на 11 женски и 9 машки жртви кои досега се пронајдени, повеќето од нив се жители на Санта Круз или Сан Хозе.

Бродот „Conception“ се запалил на само дваесетина метри од брегот на островот Санта Круз каде што е неговото сидриште, во акваториумот на Лос Анџелес. На бродот имало вкупно 39 лица, но петмина од нив, членови на екипажот, успеале да се разбудат при избувнувањето на пожарот и да го напуштат бродот скокајќи во морето од каде што ги спасил друг брод. Членовите на екипажот успеале да се спасат бидејќи се наоѓале во главната кабина, додека патниците се наоѓале во делот од бродот во кој ги заробил огнот.

Пожарот избувнал околу 3,15 часот утрото во понеделникот по локално време. Пожарникарската служба и Крајбрежната стража се предупредени петнаесеттина минути подоцна. Операцијата за спасување дополнително ја компликувала густата магла која утрото се надвила над морската површина.

„Нуркачите виделе уште неколку тела на жртви, меѓу четири и шест, кои сѐ уште се во остатоците од бродот, но поради неговата позиција не можеле да се вратат пред да падне ноќта. Денеска ќе бидат преземени напори бродот да се стабилизира за нуркачите да можат безбедно да влезат, да ја пребараат внатрешноста и да ги извлечат другите жртви“, изјави на прес-конференција, шерифот на округот Санта Барбара, Бил Браун.

Кога пламенот почнал да го зафаќа бродот, еден маж очајнички упатил повик на Крајбрежната стража молејќи за помош.

„Помош, помош, помош!“, се слуша на снимката која се појави во локалните медиуми. „Тоа е несреќа, тука е крајбрежната стража сектор Лос Анџелес на каналот 1-6, која е вашата позиција…. и бројот на лицата на бродот? Прием“, одговорил диспечерот. „Дваесет-девет. Дваесет-девет. Не можам да дишам… Дваесет и девет“, рекол мажот. Диспечерот побарал ГСП локација на бродот уште најмалку двапати, но човекот повеќе не му одговорил.

Како што пишуваат медиумите повикувајќи се на пост на социјалните мрежи кој во понеделникот го објавил Брет Хармелин, неговата 41-годишна сестра Кристи Финстад го водела бродот „Conception“ на нуркачкиот излет. Финстад, инстукторка за нуркање со кислород и поморски биолог, е еден од сопствениците „Worldwide Diving Adventures“, компанија која го изнајмила бродот за тридевниот излет.