Нобеловецот од Бангладеш, економистот и банкар Мухамед Јунус во четвртокот положи заклетва како шеф на новата преодна влада на Бангладеш, три дена откако премиерката Шеик Хасина беше принудена да поднесе оставка и да ја напушти земјата поради насилните протести.
Осумдесет и четиригодишниот Јунус беше предложен за шеф на преодната влада од студентите кои протестираа, а тој во четвртокот се врати во Дака од Париз, каде беше на лекување.
„Земјата има потенцијал да стане многу убава нација. Каков пат и да ни покажат нашите студенти, ние ќе го следиме“, изјави Јунус за новинарите кои го чекаа на аеродромот по летот од француската престолнина.
Во Бангладеш огромен проблем е фактот што студентите и младите дипломирани студенти се соочуваат со висока невработеност. Студентите и младите дипломирани студенти бараат од владата да го укине системот на позитивна дискриминација, кој резервира и доделува квота владини работни места (околу 30 проценти) на членовите на семејствата на ветераните, односно на луѓето кои се бореле во војната за независност од Пакистан во 1971 година.
Системот делумно беше укинат во 2018 година, а за него повторно расправаше судството во јуни годинава. На крајот од јули стапи на сила промената благодарение на пресудата на Врховниот суд. Според пресудата, 93 отсто од работните места мора да бидат засновани на заслуги, при што пет отсто одат на потомците на војниците кои се бореле за независност на Бангладеш од Пакистан во 1971 година, а два отсто на лица од етничките малцинства или лица со посебни потреби.
Јунус ќе биде главен советник во преодната влада задолжена да организира нови избори во јужноазиската земја со 170 милиони жители.
Бангладеш е зафатен од протести и насилство што започнаа минатиот месец откако студентските групи побараа крај на контроверзниот систем на квоти за владини работни места. Тоа прерасна во кампања за притисок врз Хасина, која го освои четвртиот последователен мандат во јануари на изборите бојкотирани од опозицијата, да се повлече.
Студентските протести кои ја соборија Хасина следеа по протестите против владините квоти за работни места кои се разгореас со насилства во јули, што предизвика насилно задушување кое наиде на критики во светот, иако владата негираше дека употребила прекумерна сила. Протестите беа поттикнати и од тешките економски услови во земјата и политичката репресија.
Во 2006 година, Јунус ја доби Нобеловата награда за мир како основач на концептот за микрокредит, кредитни линии за сиромашните кои не ги исполнуваат условите за конвенционални заеми.