Норвешкиот Нобелов комитет денеска ја повика Белорусија да го ослободи затворениот активист за човекови права Алеш Бељацки, годинешниот добитник на Нобеловата награда за мир што ја дели со руска и украинска невладина организација со иста ориентација.
„Нашата порака е дека ги повикуваме властите во Белорусија да го ослободат Бељацки и се надеваме дека тоа ќе се случи и оти тој ќе дојде во Осло за да добие признание“, изјави претседателката на Комитетот Берит Реис-Андерсен.
„Но, во Белорусија има илјадници политички затвореници и се плашам дека мојата желба не е реална“, додаде таа.
Норвешкиот Нобелов комитет Нобеловата награда за мир оваа година им ја додели на Бељацки, на руската организација за човекови права „Меморијал“ и на украинската организација „Центар за граѓански слободи“.
Шеесетгодишниот Алеш Бељацки е основач на Центарот за човекови права „Весна“ во Белорусија, основан во 1996 година како одговор на бруталното задушување на уличните протести во земјата од страна на Александар Лукашенко.
Тој беше во затвор од 2011 до 2014 година за даночно затајување. Повторно беше уапсен во 2020 година по масовните протести одржани поради, како што тврдеа опозицијата и независните набљудувачи, наместените избори што го одржаа Лукашенко на власт.