Во последниот натпревар од неделната програма на 24-то коло на шпанското фудбалско првенство Бетис и Алавес одиграа 1:1, а ново разочарување на своите навивачи им приреди актуелниот европски шампион кој беше поразен од Жирон, додека петтата Севилја го положи оружјето кај Вилјареал кој се боди за опстанок.
Бетис поведе со голот на Џовани Ло Селсо во 15 минута, а Алфонсо Марипан во 28 минута израмни за Алавес. Во остатокот од мечот гостите се определија да го чуваат бодот, што на крајот им успеа па така бодовно се израмнија со шестото Хетафе, двата клуба имаат по 36 бодови, додека Бетис е осми со три бода помалку.
Реал Мадрид иако водеше по првото полувреме со 1:0 на својот „Сантијаго Бернабеу“, на крајот беше поразен од Жирона која грчевито со бори за бодовите и уште една сезона во Ла Лига. „Кралевите“ поведоа во 25 минута откако Каземиро го совлада гостинскиот голман, но во продолжение беа извонредно непрецизни. Гостите од Каталонија израмнија во 65 минута откако капитенот на Реал, Серхио Рамос, во сопствениот шеснаесетник играше со рака. Прецизен од белата точка беше Стуани, а десет минути подоцна Порту го направи пресвртот. Рамос во 90 минута беше исклучен, откако го заработи вториот жолт картон
Жирона е 15-та со 27 бодови, четири повеќе од позициите кои водат во квалификациите за опстанокот. Реал Мадрид падна на третата позиција со 45 бодови, два помалку од градскиот ривал Атлетико кого го совлада минатото коло на негов терен а во саботата минимално славеше кај Рајо Вањекано. На чело е Барселона со 54 бодови, по победата од само 1:0 дома над 16-от Вајадолид..
Вилјареал, пак, пред своите гледачи беше уверлив со 3:0 (2:0) против Севилја. Ова беше само четвртата победа сезонава на Вилјареал, а до неа дојде со головите на Алваро во 20, Екамби во 45 и Педраза во 86 минута.
И покрај успехот, Вилјареал остана во зоната на испаѓање, 18-ти е со 23 бодови, колку што има и 19-от Рајо Ваљекано, додека бод повеќе има 17-та Селта која го држи последното место кое гарантира опстанок. Севилја остана четврта со 37 бодови, еден повеќе од следниот Хетафе.
Валенсија и Еспањол одиграа без голови, па домашните се деветти со 32 бода, а гостите се 13-ти со три бода помалку.
Во понеделник играат Хуеска и Атлетик Билбао.