Нов кикс на Баерн за оддалечување од врвот

Актуелниот германски шампион минхенски Баерн уште еднаш непријатно го изненади своите навивачи на „Алијанц Арена“ одигрувајќи во саботата само 3:3 со претпоследната Фортуна од Диселдорф во 12-то коло од Бундеслигата.

Баерн испушти сигурно водство и му овозможи на гостинот да израмни во самиот финиш од средбата. За домашните Силе го донесе водството во 17 минута, а Милер потоа по само три минути зголеми на 2:0. Во 44 минута Лукебакио намали, но Милер во 58 повторно му донесе водство од два гола разлика на Баерн. Сепак, ова беше ден на Лукебакио кој повторно намалува на гола заостанување во 77 минута а на својот тим му донесе бод во третата минута од судиското продолжување. Баерн е петти со 21 бод, додека Фортуна Диселдорф е претпоследна, 17-та со само девет бодови.

Со ист резултат (3:3) одиграа во Берлин Херта и Хофенхајм . Гостите го отворија резултатот веќе во првата минута преку Демирбај, а во десеттата го удвоија водството преки Крамариќ, а Ибишевиќ по две минути намали за домашните и со тој резултат (2:1) за Хофенхајм се отиде на полувремето. Гостите уште еднаш во 55 минута преку Бичакчиќ имаа два гола разлика, но Леки во 71 и Лазаро во 87 минута се погрижија баре бод да остане во главниот град. Херта е осма со 17 бодови, а Хофенхајм шести со 20 бодови.

Шалке е високо со 5:2 го победи Нирнберг, за што придонесе и исклучувањето во 67 минута на Роберт Бауер. Стрелци за домашните беа Скржубски во 24 и 86, Харит во 32 Биргшталер во 70, Очипка во третата минута од судиското продолжение, а за гостите головите ги постигнаа Палациос Мартинез во 38 и Зрелак во 78 минута. Шалке е на 14-то место со 13 бодови, а Нирнберг е место подолу на табелата со 10 бодови.

Аугсбург доживеа домашен пораз со 1:3 од Ајнтрахт Франкфурт. Головите за гостите ги постигнаа Де Гузман во првата, Халер во 47 и Ребиќ во 68 минута, а почесниот погодок за домашните го постигна Корова во 90 минута. Аугсбург остана на 12-то место со 13 бодови, а Ајнтрахт моментално со 23 бодови е на второто место, но Борусија од Менхегладбах со меч помалку но со ист број бодови е место зад него.

Пораз пред своите гледачи од 1:2 впиша и Мајнц во дуелот со водечката Борусија Дортмунд. Пако Алкасер ги донесе гостите во водство во 66 минута, Кваисон израмни четири минути подоцна, но Шпанецот по шест минути го врати водството за гостите. Борусија Д има седум бодови предност пред второ и третопласираниот тим, односно 30 бодови, а Мајнц е 10-ти со 15 бодови.

Волсфбург со голот на Русиљон во 50 минута го совлада Лајпциг кој остана на четвртата позиција со 22 бодови. Домаќините, пак, се деветти со 15 бодови.