Нова сорта јаболка наречена „Cosmic Crisp“ (космички крцкави/свежи), којашто научниците ја развивале две децении и која наводно во домашен фрижидер би требало да трае и цела години, во неделата е понудена на американскиот пазар, пренесува BBC.
Станува збор за сорта добиена со вкрстување на сортите јаболка „Honeycrisp“ и „Enterprise“, а првпат е одгледана на државниот универзитет во Вашингтон во 1997 година.
Во одгледувањето на новото „цврсто, крцкаво и сочно“ јаболко се вложени 10 милиони американски долари, а ексклузивното право за неговото одгледување во наредните десет години го добиле овоштарите во американската сојузна држава Вашингтон.
„Станува збор за многу крцкаво јаболко, релатовно е цврсто и има добар соодност на слаткоста и горкоста, а и многу е сочно“, изјави Кејт Ивенс, една од водителките на програмата за одгледување јаболка на универзитетот во Вашингтон.
Истакнува, исто така, дека ова јаболко бавно се расипува и оти во ладилник задржува „одличен квалитет, дури 10 до 12 месеци“.
Повеќе од 12 милиони стебла од оваа сорта јаболка се засадени во овоштарниците во државата Вашингтон на површина од 12.000 хектари, а се проценува дека одгледувачите од продажбата ќе заработат вкупно 30 милиони долари.
Сортата прво беше позната под ознаката WA38, а името „Cosmic Crisp“ го добила поради малите точкички на темно црвената лушпа, кои потсетуваат на ноќното небо.
Државата Вашингтон е најголемиот произведувач на јаболка во САД, а најпопуларните сорти „Golden Delicious“ и „Red Delicious“ се соочуваат со жестоката конкуренција од сортите „Pink Lady“ и „Royal Gala“.
Јаболката, по бананите, се најпродаваното овошје во САД.