Во Албанија во постојан раст е бројот на новозаразени лица со Ковид-19, каде од почетокот на месецов во просек дневно има по околу 700 новозаразени, а вчера тој број изнесуваше 1.001, што е 45,2 отсто од тестираните.
Националниот комитет на експерти за справување со пандемијата, потврди дека во земјата циркулира варијантата БА5.
– Во земјата циркулира варијантата БА5, за која немаме јасни податоци за формите, ниту за процентот на смртност. Имаме и малку податоци за преносливоста на оваа варијанта. Граѓаните да се вакцинираат. Секое лице кое поминало еден месец од прележувањето на заразата треба да се вакцинира, со која било вакцина. За ова нема дискусија, изјави една од најпознатите епидемиолози во Албанија, Силва Бино.
Во првите недели од јуни во Албанија имало намалување на хоспитализациите, кога на болнички третман биле само четири пациенти, додека во јули зголемен е бројот на кои им е неопходен болнички третман, односно пет до шест дневно, при што најпогодени возрасни групи се оние над 60-годишна возраст.
Гостувајќи во емисија на Њуз 24, Бино потсети дека може да се вакцинираат сите лица над 12-годишна возраст и оти од пред неколку дена се аплицира и четврта доза. Таа додаде дека во изминатите три месеци речиси воопшто немало интерес за вакцинација, што е многу погрешна перцепција.
Според Минстерството за здравство бројот на заразени со со Ковид-19 изнесува 5.644 лица, додека експертите предупредуваат дека нивниот број е најмалку двапати повисок.