Двесте Американци и други странски државјани кои останале во Авганистан во четвртокот ќе ја напуштат земјата со авиони од Кабул, откако привремената талибанска влада се согласи на нивна евакуација, објави администрацијата во Вашингтон.
Станува збор за првите меѓународни летови од кабулскиот аеродром откако талибаните ја преземаа власта на средината од август, и по хаотичната евакуација во која Авганистан го напуштија 124.000 странски државјани и Авганистанци кои изминатите две децении работеле за странските мисии и организации.
Новата евакуација доаѓа два дена откако талибаните го објавија составот на новата преодна влада во која главно се претставници на паштунската заедница, исламистички тврдолинијаши и поединци од меѓународните листи на терористи.
Од талибаните евакуацијата ја барал специјалниот американски претставник за Авганистан, Залмај Кализад кој во администрацијата на претходниот претседател Доналд Трамп со политичките претставници на исламистичкото движење ги водеше преговорите во катарска Доха за повлекувањето на странските трупи од земјата. Информацијата за Reuters ја потврдил висок американски фунцкионер кој зборувал под услов да остане анонимен.
Соговорникот не знаел дали меѓу евакуираните ќе бидат и американски цивили и странски државјани кои со денови се заглавени во северниот авганистански град Мазар-и-Шариф, бидејќи на нивните чартер летови не им е дозволено полетувањето.
Новата авганистанската влада којашто беше претставена во вторникот, коментаторите ја толкуваат како сигнал дека талибаните не сакаат да ја прошират својата база и на светот да му покажат потолерантен имиџ, како што најавуваа веднаш по преземањето на власта.
Меѓународната заедница со претпазливост и разочарување реагираше на именувањето на предоната влада, а во Кабул неколку десетици жени протестираа на улиците. Критичарите ја повикуваат новата влада да ги почитува човековите и правата на жените, како и да ја заживее економијата на којашто ѝ се заканува колапс порди огромната инфлација, недостигот од храна и можноста за запирање на помошта од западните земји кои сакаат да ги изолираат талибаните.