Многу потешко од очекуваното, старо-новиот шампион на Германија, тимот на Баерн (М), забележа триумф во првенствениот дуел против фенерцијата на табелата, тимот на Брауншвајг.
Баварскиот гигант дојде до посакуваното водство во 75 минута со погодокот на перуанскиот интернационалец Клаудио Пизаро, а во самиот финиш од натпреварот, во листата на стрелци се запиша и репрезентативецот на Хрватска, Марио Манџукиќ.
Репрезентативецот на Македонија и капитен на германскиот бундеслигаш Мајнц, Николче Новески не најде лек за напаѓачите на Борусија од Дортмунд кои постигнаа дури четри погодоци и теоретски си осигураа пласман во групната фаза од Лигата на шампиони.
Денеска ќе бидат одиграни последните два натпревара од 31. коло во германската Бундес лига, а за нијанса поголемо внимание ќе привлече дуелот помеѓу екипите на Штутгарт и Шалке.
Домаќинот грчевито се бори за опстанок во елитното друштво, додека гостинот е во игра за директен пласман во групната фаза од Лигата на шампиони.
Фудбалерите на Баер од Леверкузен пак имаат обврска да слават на незгодното гостување во Нирнберг.
Резултати: Аугсбург – Херта 0:0, Борусија Д. – Мајнц 4:2, Брауншвајг – Баерн М. 0:2, Фрајбург – Борусија М. 4:2, Вердер – Хофенхајм 3:1, Хамбургер – Волфсбург 1:3.