Европскиот комесар за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји утре ќе допатува во прва официјална посета на Македонија.
Како што соопшти Делегацијата на Европската комисија во Скопје, Вархеји ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Оливер Спасовски и со претседателот на Собранието Талат Џафери.
Вархеји исто така ќе се сретне и со претседателот на СДСМ, Зоран Заев како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.
Посетата на Комесарот Вархеји во регионот ќе продолжи во Албанија следниот ден.
На средбите се очекува да стане збор за новата методологија за проширување предложена од Франција и за текот на реформите во земјава, особено донесувањето на законот за јавно обвинителство.
На 18 декември минатата година вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи се сретна со Вархеји во Брисел, при што му го претстави реформскиот план на владата до самитот на Европскиот совет во март.
Европската комисија ќе објави мини-извештај за Македонија и Албанија во февруари, а новата методологија, според најавите, се очекува да биде усвоена во март.
Еврокомесарот Вархеји, минатиот месец рече дека пристапните преговори со Македонија и Албанија треба да почнат на пролет. Тој тогаш рече дека ЕУ треба да ја исправи грешката од октомври.
Земјите-членки на ЕУ не се договорија за почеток на преговори со двете земји, поради противењето на Франција, која пак, услови со нова методологија на преговарање.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека следните шест месеци ќе бидат клучни за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан и најави дека ЕК за неколку недели ќе излезе со новата методологија за проширување.