Во моментов се одржува аукцијата за трето по ред задолжување на новата министерка Нина Ангеловска откако е министер за финансии во последните 45 дена. Денеска Заев и Нина Ангеловска ќе ја задолжат државата за нови 53.6 милиони евра, рече во вторникот портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-енеска Заев и Нина Ангеловска уште повеќе со ова задолжување ќе ја осиромашат државата и граѓаните на Република Македонија. За само 45 дена министерката Нина Ангеловска по наредба на Заев ја задолжија Македонија и граѓаните за над 150 милиони евра. Тоа е во просек над 3 милиони евра дневно задолжување во изминативе 45 дена. Психолошката граница на долгот одамна е помината. До сега, никаков проект немаме видено дека се реализирал или дека воопшто отпочнала реализација, кој е од корист на граѓаните. Реализацијата на капиталните инвестиции заклучно со месец август е ниски 28.16%, што е најниска во историјата до сега. Додека државата енормно се задолжува, економијата доживува крах и распад, а криминалот и корупцијата цветаат. Додека граѓаните преку сиромаштијата ги трпат последиците на задолжувањето од страна на неискусната министерка и нејзиниот наредбодавач Заев, гледаме јавно на снимки како премиер и министри земаат мито, гледаме како се местат тендери секо ден, гледаме како се рекетира на секој чекор од страна на функционерите на власта. Погрешните политики во економско – финансискиот дел на Владата, неискуството на новата министерка и криминогениот начин на работење на премиерот и функционерите на СДСМ доведуваат до пропаст на економијата и иселувањето на граѓаните. Над половина милион граѓани живеат во сиромаштија, а толку се и иселија, истакна Арсовски.
Затоа, потребна е коренита обнова на Македонија и домаќинско работење со државната каса од луѓе со искуство и визија. Тоа ќе се случи веднаш откако СДСМ ќе падне од власт, додава тој.