Препорака на ресорното Министерство е во заштитените подрачја да се легализираат само дивоградбите кои се дом на жители, изјави денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Тој, се повика на новиот текст на законот за легализација на дивоизградени објекти.
– Јасно е укажано дека без дозвола од МЖСПП каде што ќе се предвидува и постоење на зелени површини околу тие градби, нема да се добијат дозволи за градба, тоа се нашите укажувања. Законот се врати пак на Влада, на владина расправа, нашата препорака од МЖСПП е дека треба да се легализираат само оние градби коишто се во сопственост на граѓани на жители кои живеат во нив – рече Нуредини.
Тој во однос на зелената агенда на ДУИ, рече дека „сите се движиме кон Европа“.
– Нашата цел е Европа и во таа смисла сакаме да се вклопиме во зелената агенда на Европа. Сакаме да ги имплементираме зелените стандарди за квалитетен живот на граѓаните. Наш приоритет е граѓаните да живеат во заштитена еколошка средина, но исто така граѓаните да имаат пристап и право на чиста вода за пиење, на прочистена индустриска отпадна вода. Ние веќе две години работиме и сме посветени на таа зелена агенда – посочи министерот.
За сечата на дрвја на улица Орце Николов, Нуредини рече дека тоа е одговорност на секоја одделна општина.
– Доколку граѓаните не се согласуваат со такви одлуки, не треба такви одлуки да се случуваат. Ние ги поттикнуваме граѓаните. Нашата политика се стреми кон тоа да има се повеќе зеленило во градот. Но сепак ќе речам тоа е одлука на секоја општина – посочи министерот.