„Копипејст“ проекти, но и проекти преку кои апликантите се обиделе да го надмудрат системот не добија финансиска поддршка преку Годинашната програма за култура за проекти од национален интерес, рече ресорната министерка Ирена Стефоска. Таа укажа и на тоа дека голем дел од корисниците, но и од националните установи како апликанти имале неадекватна и нецелосна документација, но побарале и нереално високи суми.
За овој конкурсот пристигнале рекордни 6 352 апликации, од кои на повикот за национални установи – вкупно 1 814 пријави, а од другите корисници, во кои спаѓаат физички лица, здруженија и слично, пристигнале 4 538 апликации.
Исти луѓе аплицирале на повеќе проекти
Министерката укажа дека дел од апликантите се пријавувале со различни улоги во повеќе проекти, но таквата пракса, како што најави, годинава нема да помине.
„Мора да работиме на високата свест за заемна отчетност за трошењето на секој денар. Би сакала да ја истакнам ‘вештината’ на дел од корисниците кои од различни причини, понекогаш легитимни, понекогаш не, се извештиле низ годините како да го надмудруваат конкурсот. Па така, на разни начини се протнуваат низ ‘дупките’ во системот. На пример, еднаш се појавуваат како автори, другпат како уредници, третпат како консултанти, четврти пат како учесници на манифестација, петти пат како членови на жири-комисии, шести пат во групен проект. Едноставно кажано, исти лица си конкурираат сами на себе. И така, конкурсот ја изгубил смислата за натпревар. Неретки се и оние што аплицираат и со копипејст проекти, односно проекти кои во изминатите години веќе биле поддржани. Во еден ваков сложен и крајно проблематичен контекст, и комисиите и јас како министерка, зазедовме став за една суштинска позиција, да се обезбеди одговорна, транспарентна и праведна дистрибуција на парите на даночните обврзници за културата“, рече Стефовска.
На прашањето околу притисоците што ги трпеле членовите на комисиите кои одлучуваа за проектите, таа рече дека тоа го надминале со непопусливост пред таквите појави.
„Тоа се наследени навики од изминатите децении, но непопустливоста од страна на стручните комисии и од моја страна го надминува ова“, додаде Стефовска.
Без етнички проценти
Акцентот при одлучувањето бил ставен на квалитетот на проектите, вели Стефоска. Според неа, стручните комисии работеле имајќи ги предвид значењето на јавниот интерес во културата, релевантноста на проектите во животот на граѓаните, стимулирање на младите автори, реалното вреднување на трудот со цел заштита на достоинството на авторот, поддршка на ранливите и маргинализираните групи, но и поддршката на различните етнички заедници. Таа додаде дека годинава е реткост што се доделени и солидни средства за заштита на културното наследство.
„Сакам да нагласам дека мултикултурноста е срцето на нашата земја. Но, пред сѐ, акцентот е ставен врз квалитетот на проектот. Достоинството на граѓаните е над сѐ и пред сѐ. Никој не смее да има чувство дека проектот му е одобрен како припадник на одредена етничка заедница, а не како достоен автор“, рече Стефовска.
За поддршка на избраните проекти се предвидени 11 милиони евра, пари од даночните обврзници. Резултатите за сите 12 дејности се веќе достапни на веб-страницата на Министерството за култура.
Претседатели на комисиите кои одлучувале по пристигнатите пријави по одделни дејности се: за литература и издавачка дејност, Весна Димовска, за драмска дејност, Фирдауз Неби, за фолклор и сценско-уметничка дејност, Емин Гаџа, за музичка и музичко-сценска дејност, Бранка Костиќ-Марковиќ, за визуелни уметности, архитектура и дизајн, Соња Абаџиева, за интердисциплинарни проекти, Зоран Петровски, за меѓународна дејност, Јане Бакевски, за заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра, Љуљета Абази, за музејска дејност, Фросина Зафировска и за библиотечна дејност, Славица Србиновска.
Финансиски истраги за ланските проекти се во тек
Последниот конкурс не може да ги реши сите проблеми што се наталожувани со децении наназад, вели министерката, но смета дека критериумите воспоставени годинава треба да бидат пионерски чекор во усовршувањето на целиот систем. Стефоска апелира и до Собранието за што побрзо да се донесе новиот закон за јавен интерес во културата, кој го очекуваат 3 500 културни работници.
Укажа дека финансиските контроли поврзани со ланските проекти сè уште се во тек и ги замоли сите други, кои имале уредни документации и согласно законот треба да им бидат исплатени средства, да имаат трпение додека истрагата не заврши целосно.
За потсетување, Министерството за култура, поради нереализирани лански проекти и неуредна финансиска документација, раскина договори во износ од околу 70 милиони денари, односно над еден милион евра и до завршување на финансиските контроли нема да ги исплаќа средствата кон другите корисници, со цел, како што рекоа, заштита на буџетските средства.