Еднократен надоместок за нематеријална штета од 80.000 евра во денарска противвредност ќе му се исплати на семејството на загинат припадник на Армијата и на Министерството за внатрешни работи, а оваа одредба важи за семејствата на сите војници и полицајци кои ги изгубиле животите во вршењето на службените должности во периодот од 1991 до 2024 година. Според измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Македонија, кои во Собранието ги поднесе опозициската СДСМ, еднократниот надомесок ќе им се исплати на семејствата на загинатите војници во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце во 2008 година, на семејствата на загинатите полицајци во авионската несреќа во Ротимље кај Мостар, Босна и Херцеговина, на семејствата на загинатите во полицајци во хеликоптерската несреќа во Струмица во 2014 година, како и на семејствата на загинатите полицајци во Диво Насеље, Куманово во 2015 година.
Доколку членовите на семејствата веќе добиле паричен надоместок според досегашното законско решение, ќе им се исплати само разликата до новата сума.
Според предлагачот, во образложението се наведува дека целта на измените е да се изедначи надоместокот за членовите на семејствата на безбедносните сили, затоа што со примената на законот се утврдиле недостатоци при остварувањето на правата на припадниците на војската и на полицијата.
„Истовремено предлагаме изедначување на надоместокот за претрпена душевна болка на сите загинатите припадници на МО и МВР во периодот од 2000 година до ден денешен“ се вели во предлог-измените.
Според предлогот, воениот инвалид кој настанало оштетување на организмот во вооружените дејствија, сметано од 1 јануари 2000 година, има право на еднократен паричен надоместок за инвалидитет и тоа за 100 отсто инвалидитет еднократен надоместок од 5 милиони денари (81.000 евра), за 90 отсто инвалидитет 3,7 милиони денари, за 80 отсто инвалидитет 3,4 милиони, за 70 отсто 3,1 милиони, за 60 отсто 2,8 милиони денари итн.
Со измените се допрецизира и одредбата со која се дефинирани членовите на семејство на загинатите бранители и според предложено, „доколку родителите на загинатиот бранител не се живи, надоместокот за делот на родителитите се исплатува на браќата и сестрите и на неговите внуци и правнуци според правилата што важат за случај кога починатиот го наследуваат неговите деца и другите потомци, согласно закон“. Еднократниот паричен надоместок се исплатува на еднакви делови на членовите на семејството. Во актуелното решение како членови на семејство на припадник на безбедносните сили се сметаат брачниот другар, децата и родителите.