Обвинетиот го признава убиството на бугарската новинарка, но не и силувањето

Германските обвинители велат дека осомничениот убиец на бугарската телевизиска новинарка за време на распитот го признал убиството, но негира дека ја силувал и дека извршил кражба, како и дека екстрадицијата е се одвива во рок од десет дена.

Обвинителите во германскиот Целе, во петокот соопштија дека 21-годишниот Северин Красимиров, кој е главен осомничен за убиството на бугарската новинарка Викторија Маринова, го признал злосторството за време на испрашувањето. Осомничениот признал дека бил под дејство на алкохол и наркотици во моментов кога влегол во расправија во непозната жена во паркот во градот Русе. Красимиров изјавил дека најпрво ја удрил по лицето, а потоа и ја отфрлил во грмушки, но „немал намера да ја убие“.

Обвинителите велат дека Красимиров ќе биде екстрадиран во Бугарија во следните дестет дена. Маринова беше погребана во петокот во нејзиниот роден град Русе, на крајниот север од Бугарија, на самата граница со Романија на реката Дунав.

Телото на 30-годишната Маринова беше пронајдено во минатата сабота во паркот каде отишла да џогира. Истрагата утврди дека била и силувана.

Осомничениот најпрво побегнал во Романија, а оттаму во Германија каде живеат неколку негови роднини.
Бугарската полиција соопшти дека пронашла работи кои и припаѓале на Маринова во домот на осомничениот. Неговата ДНК била пронајдена и на нејзиното тело.

Случајот крена голема прашина во цела Европа. Многу се шпекулираше и околу мотивот за убиството и се укажуваше дека новинарката во последниот период интервјуирала истражувачки новинари кои се занимавале со откривање на корупција при користењето на ЕУ фондовите во Бугарија.

Германските обвинители велат дека во сведочењето на Красимиров не пронашле „никаква политичка мотивација“ за убиството.