Обвинителката Јосифовска за ТВ 21: „Јанева беше отсутна и јас потпишав за пасошот на Камчев“

Специјалната обвинителка Елизабета Јосифовска за ТВ21 потврди дека таа го потпишала позитивното мислење за да му се одобри времен пасош на Јордан Камчев.

Јосифовска објаснува дека во отсуство на шефицата на СЈО таа ја заменува и ги потпишува сите документи, а во тоа време Јанева била на одмор. Додава дека мислењето за пасошот на Камчев била одлука на Јанева и како нејзина заменичка била должна да ја потпише.

„Апсолутно на ништо не се посомневав. Во тој момент до мене немаше допрено никакви и најмали индиции или сознанија дека во позадината на сето ова стои нешто криминално. Не знам ни се уште дали стои, меѓутоа во тој момент немав такви сознанија. Тоа е нејзина одлука изготвена по нејзин налог,  јас технички сум ја потпишала под нејзиното име  и ние како помошници на специјалниот јавен обвинител не можеме да ги менуваме нејзините одлуки“, вели Јосифовска за ТВ 21.

На прашањетозошто морало таа да потпишува, а не да се почека Јанева да се врати, Јосифовска изјавила дека и било речено дека се работи за итно постапување и дека не можело да се чека нејзиното постапување. Но, првично судот го вратил ова мислење. Одлуката за враќање на пасошот на Камчев е донесена кога обвинителката во случајот „Империја“ Лиле Стефанова била на одмор и не била известена, а за одлуката дознала од колешката Јосифовска.