Обвинителот Рајчев негира дека соработувал со Стаменковски

Сметам дека денешното барање е еден од начините да се одолговлекува постапката и да се прават сензации како што се правеа сензации и во текстовите кои што тој ги објавуваше секојдневно и кои што се предмет на оваа кривична постапка, изјави јавниот обвинител Сашо Рајчев по денешното барање на Марјан Стаменковски за негово изземање од случајот „ДоказМ“ во Апелациониот суд Скопје.

Според обвинетиот Стаменковски, сопственик на порталот „ДоказМ“, кој побара изземање, јавниот обвинител Рајчев соработувал со него на дел од предметите за кои што му се суди, додека обвинителот ги отфрли овие наводи како невистинити.

Обвинителот Рајчев изјави дека воопшто не го познава обвинетиот Стаменковски, сопственик на порталот „ДоказМ“.

–  Ниту го познавам обвинетиот Марјан Доказ, ниту сум имал контакти лични и какви било, ниту сум имал каква било комуникација, така што наводите изнесени денеска од негова страна на седница ги отфрлам како целосно невистинити. Наводите ги документирав со писмена изјава која што ја доставив до обвинителството и сметам дека денеска даденото барање е еден од начините да се одолговлекува постапката и да се прават сензации како што се правеа сензации и во текстовите коишто тој ги објавуваше секојдневно и коишто се предмет на оваа кривична постапка – изјави Рајчев.

Во врска со прашањето дали ќе поднесе тужба, имајќи предвид дека тврдењата на обвинетиот Марјан Стаменковски може да се сметаат како клевета, тој одговори потврдно.

– Земав записник од денеска изнесените невистини против мене и тие невистини кои што упатуваат на клевета согласно позитивните прописи претставуваат основ за поднесување тужба. Така што, да ги прочитам убаво и во скоро време ќе биде изреагирано за тоа – рече тој.

Денешната седница во Апелациониот суд Скопје беше одложена за 19 мај поради барање за изземање на јавниот обвинител Сашо Рајчев од случајот „ДоказМ“. За барањето за изземање ќе одлучува јавниот обвинител на Република Северна Македонија.

На Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ М“ Основниот кривичен суд Скопје му изрече единствена затворска казна во траење од три години и еден месец. Стаменковски се товареше за пет кривични дела, односно за две дела ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и за злоупотреба на лични податоци.

Освен затворската на Стаменковски му беше изречена и парична казна од 5 000 евра заради злоупотреба на лични податоци, како и забрана за вршење професија или дејност поврзана со кривичните дела, односно му се забранува регистрација на домен за портал за период од 10 години, а му престанува регистрацијата на домените кои што тој ги регистрирал.

При претрес на домот на сега осудениот полицијата запленила документација, електронски уреди и 90.000 евра. За оваа сума пари Обвинителството се сомнева дека потекнуваат од други кривични дела и за нив е отворена нова истражна постапка.