Обвинителството се согласило за укинување на притворот на Мијалков, по понудените речиси 11 милиони евра кауција

По информацијата дека Кривичниот суд ќе одлучува дали ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков ќе излезе од притвор, поради понудена милионска гаранција, од Обвинителството потврдуваат дека дале согласност тој да се брани од слобода.  Понудената гаранција е од речиси 11 милиони евра.

„Обвинителството ценејќи ги околностите и имајќи ги предвид наводите во предлогот и дополненијата за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција, ценеше дека висината на понудената гаранција во доставените предлози во вкупен износ од 10,871,170 евра е прифатлива за обвинителството за обезбедување на присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата, велат за медиуми  од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Мијалков е во истражниот затвор Скопје од 23-ти февруари кога по неколкудневно мистериозно исчезнување се појави пред обвинителството да го подигне решението за притвор. Додека е во притвор за Мијалков беа донесени две првостепени пресуди, 12-годишна затворска казна за случајот со нелегалното прислушување „Тврдина-Таргет“ и 8 години затвор за случајот Трезор и нелегална набавка на софтвер за следење електронски комуникации.