Од 247 заразени здравствени работници 226 се излечени

Oткако беше регистриран новиот коронавирус во земјава, со него се заразија 247 здравствени работници или 14 проценти од вкупниот број (1 762) на дијагностицирани случаи.

Од нив, според податоците од Институтот за јавно здравје, излечени се 226.

„91 проценти од здравствените работници кои беа заболени од КОВИД-19 се сега целосно оздравени. Им одавам чест за храброста и посветеноста. На сите останати им посакувам брзо закрепнување“, порача утрово министерот за здравство, Венко Филипче.

Инаку, од вкупниот број на заразени во државата – 1 762, досега излечени се 1 267. Бројот на смртни случаи изнесува 98. Активни во моментов се 397 случаи.

Во текот на денот здравствените власти треба да ги соопштат и новите статистики.