Низ речиси деветдецениската историја на светските фудбалски првенства, само две репрезентации успеале да ги одбранат титулите, Италија во 1934 и 1938-та и Бразил во 1958 и 1962 година.
Италијанците под водство на големиот фудбалски иноватор Виторио Поцо успеале да освојат две шампионски титули по ред непосредно пред Втората светска војна. Освен што бил брилијантен тактичар, Поцо во 1934 година можел да смета на доселениците повратници од Аргентина Монти и Орси, кои специјално за шампионатот добиле италијански државјанства, како и на големата предност на домашниот терен, додека четири години потоа во Франција во нападот ги имаше фудбалските гении како Пиола и Меаца. Следеше војната, а пота италијанскиот фудбал го снајде трагедија во којашто во авионска несреќа загина речиси целата екипа на тогаш водечкиот италијански клуб Торино, па Италијанците следниот пат до финале на светско првенство стасаа до 1970 година.
Бразил доминираше во светскиот фудбал кон крајот на 50-те и на почетокот од 60-те години од минатиот век. Покрај, според многумина најголемиот фудбалер на светот на сите времиња Пеле, Бразил во 1958 година во Шведска во нападот можел да смета на брилијантните Гаринча, Диди, Вава и Загало, а сите тие играчи и без Пеле, кој се повредил во второто коло од натпреварувањето во групата го повторија успехот четири години подоцна во Чиле.
Сепак, во 1966 година во Англија новата бразилска селекција е многу повеќе зависна од Пеле, кој повторно е повреден во раната фаза од турнирот, и не ја одбрани титулата. Меѓутоа, во 1970 година во Мексико со здравиот Пеле, и со Ривелињо, Жаирзињо, Тостао, Карлос Алберто и Жерсон стаса до третата титула на последните четири првенства.
Првите светски шампиони од 1930 година пред својата публика, Уругвајците четири години подоцна не патувале во Италија, додека по титулата освоена во Бразил во 1950 година четири години потоа во Швајцарија стасаа до полуфиналето каде што ги запира Унгарија. И тогашна Западна Германија одбраната на титулата од 1954 година во Швајцарија, по четири години ја завршува во полуфиналето каде што е совладана од домашната Шведска.
Светските прваци од 1966 година Англичаните четири години подоцна во Мексико стасаа до четвртфиналето во кое со 2:3 во продолжението ги запираат Германците, Бразил одбраната на титулата од 1970 година ја заврши на втората сметка во вториот круг од натпреварувањето по групи во 1974 година зад Западна Германија, а Германците во 1978 година запнаа, исто така, во вториот круг од натпреварувањето во групата, додека Италија во 1986 година испадна во осминафиналето од Франција со 0:2.
Аргентина во 1990 година се приближи до одбраната на титулата освоена четири години претходно во Мексико стасувајќи до финалето, но Германија победи со 1:0, а четири години подоцна Германците во обидот да ја одбранат титулата во четвртфиналето беа запрени од Бугарија (1:2), додека Бразилците во Франција 1998 година стасаа до финалето и беа декласирани од домаќинот со 0:3.
Франција на мундијалот во 2002 година стана првиот бранител на титулата кој испаднал во првиот круг заземајќи го последното место во групата, зад Данска, Сенегал и Уругвај.
Бразил, како светски првак од 2002 во 2006 година беше запрен во четвртфиналето од Франција со 0:1. На тоа првенство славеше Италија којашто четири години во Јужна Кореја заврши неславно на последното место во групата, зад Парагвај, Словачка и Нов Зеланд.
Светскиот првај од Јужна Африка во 2010 година Шпанија на последниот мундијал во Бразил, исто така, запна во групата зад Холандија и Чиле.