Од Светска банка 26,2 милиони евра за зајакнување на трговијата во Западен Балкан

Со цел да се олесни трговијата и транспортот на земјите од Западен Балкан, со финансиска помош на Светска банка од 26,2 милиони евра ќе се подобрува инфраструктурата, ќе се модернизираат институциите и ќе зајакне нивната меѓусебна соработка.
Во таа насока, денеска беше потпишан договор помеѓу Министерството за финансии и Светската банка за финансирање на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. Покрај нашата земја, во првата фаза ќе се вклучат и Србија и Албанија, а во втората фаза и Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека целта на проектот е да се намалат трошоците за извоз и увоз и да се скрати времето за прекугранична трговија.

„Според Светска банка, со реализацијата на проектот треба да се намалат трошоците за извоз и за увоз во регионот за околу 10 отсто. Тоа ќе придонесе за унапредување на трговската размена, како и за повисок економски раст во регионот“, рече Тевдовски.

Проектот има четири компоненти: Олеснување на движењето на стоките и услугите,подобрување на транспортната ефикасност и предвидливост и на пристапот до пазарот за трговијата и инвестициите.