На пет мажи кои во четвртокот беа меѓу депортираните од Сирија државјани на Босна и Херцеговина им е одреден тресетдневен притвор поради нивна поврзаност со тероризам, потврдија во петокот од Судот на БиХ во Сараево.
Соопштено е дека притворот им е одреден на Емир Алишиќ, Сеад Касуповиќ, Миралем Бербич, Јасмин Касеровиќ и Хамза Лабиби. Судот го прифатил барањето на Обвинителството на БиХ за одредување мерка притвор поради опасност од бегство.
Оваа петорка, по којашто претходно е распишана меѓународна потерница поради тероризам, е дел од групата од седум мажи кои во четвртокот во Сараево се пренесени со специјалниот лет на американското воено воздухопловство од Сирија. Другите двајца депортирани се идентификувани како Армен Џелко и Мухарем Дуњиќ, но бидејќи за нив претходно не е распишана потерница, тие се задржани во полициски притвор поради редовна кривична обработка.
Заедно со нив во БиХ се вратени и шест жени и дванаесет деца кој порано престојувале во заробеничките логори во Сирија под контрола на курдските и американските сили. Сите депортирани лица престојувале на териториите на Сирија и на Ирак кои беа под контрола на џихадистичката организација Исламска држава.
Заробените мажи се идентификувани како припадници на вооружените единции на Исламската држава, но и на други исламистички рганизации кои дејствуваа на Блискиот исток. Сите по доаѓањето во Сараево се уапсени и изведени пред судии на Судот на БиХ, кои ноќта кон петокот ги донеле одлуките за одредување на притворот. Податоците за нивната поврзаност со тероризмот, полициските агенции во БиХ ги собрале претходно со размена на разузнавачки информации и врз основа на искази од заштитени сведоци.
Еден од оние на коишто им е одреден притвор, Јасмин Кесеровиќ, ставно јавно познат бидејќи од Сирија објавуваше видеа во кои се фалеше со своето учество во борбите на страната на Исламската држава, но и ги повикуваше муслиманите ширум светот на убивање на христијаните.