За одговорните лица од општината Охрид, УНЕСКО не бара уривање на сите дивоградби кои се во заштитениот појас. Пед сѐ треба да се утврди колку од 409 се нелегални градби и се опасност за животната средина, па потоа да се донесе одлука кои од нив ќе бидат урнати.
„УНЕСКО од нас не бара да срушиме 409 дивоградби, затоа што тоа е невозможно. Се бара да извршиме еваулација на влијанието врз животанта средина и оние градби во заштитениот појас за кои ќе се утврди дека имаат негативно влијание, ќе ги отстраниме. Сите наредни постапки ќе се одвиваат во согласност со сите Законски процедури и транспарентно, а јавноста ќе биде навремено и детално информирана“, вели градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски за „Нетпрес“.
Тој додава дека, согласно препораките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, локалната самоуправа изработи посебен регистар на нелегални градби и во таа база на податоци има вкупно 1.076 предмети за кои, во периодот од 2006-та година до мај 2019-та година, инспекциските служби констатирале прекршувања на Законот за градење и донесен е некаков акт со кој се утврдила нелегална градба. Од нив, вкупно 409 се лоцирани во заштитниот појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во стариот дел на градот.
Нофицијално, сите градби во регистарот се нелегални и за нив нема отпочната постапка за легализација, според Законот за легализација. Од општината информираат дека минатата недела е распишан тендер за избор на фирма за уривање.
„Во рамки на вкупната бројка, 82 предмети се однесуваат на урбана опрема, 16 се за времени објекти, 8 се за плажи, 80 се за куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите предмети се за помали интервенции и градежни зафати на објекти. Во текот на наредниот период општинските служби ќе извршат проверка и финално уредување на целокупниот регистар, по што ќе се пристапи кон поединечна ревизија за секој посебен предмет и ќе се носат одлуки за понатамошно постапување“, посочува Ѓорѓиоски.
На прашањето, дали општината ќе успее да го запази рокот на УНЕСКО од 6 месеци за уривање на нелегалните градби, тој вели : „Ништо нема да се случи преку ноќ, ниту ова ќе биде едноставен процес. Битката за Охрид допрва ќе се интензивира на сите полиња. Посветеноста моја, како градоначалник и на Владата е целосна и недвосмислена, сите да си го одработиме тоа за што сме одговорни, затоа што во залог не е само Охрид, туку и функционирањето на политичкиот систем на државата. Одговорност за сите, отстапки за никого. Чекор по чекор треба да се решаваат забелешките од УНЕСКО и да се поправаат грешките од минатото направени од претходните власти, со цел конечно да биде отстранета опасноста за ставање на Охридскиот регион на листата на заштитени подрачја во опасност“.
Инаку, пред две недели на конференција во Баку УНЕСКО ѝ даде рок на Македонија, до февруари 2020 година да одговори позитивно на сите 19 забелешки и да постапи по големиот број на дивоградби. Со тоа Охрид ја избегна опасноста, природното и културното наследство на Охридскиот регион да се стави на листата на загрозено светско наследство, по препорака на УНЕСКО, а поради бројните забелешки за негрижа на светското заштитено наследство, пред се во областа на урбанизмот.
Кога и како ќе почне и заврши приказната за спасот на Охрид, сѐ уште е неизвесно. Во собраниска процедура влезе првото читање на Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, кој треба да создаде формално-правни предуслови за спречување на активности со кои се нарушува културното наследство на градот. На собраниска комисија тој не беше прифатен од страна на пратениците на опозицијата.