Пандемијата на коронавирусот минатата година доведе уште 77 милиони луѓе до екстремна сиромаштија и многу држави во светот не можат економски да заздрават од трошоците за отплата на долговите, состојба регистрирана и пред почетокот на војната во Украина, соопштија Обединетите нации. Анализата на ОН покажува уште дека 1,7 милијарди луѓе се соочуваат со зголемени трошоци за храна, енергија и ѓубрива како резултат на војната во Украина.
Во извештајот на Светската организација се наведува дека богатите земји би можеле да им помогнат на најсиромашните да закрепнат, преку заеми со минимални каматни стапки. Сепак, најсиромашните потрошија милијарди евра за сервисирање на долговите и се соочија со многу повисоки трошоци при задолжување, па затоа не можат да инвестираат во образование, здравство, животна средина и намалување на разликите.
Според ОН, во 2019 година 812 милиони луѓе во светот живееле во екстремна сиромаштија, а до 2021 година, поради пандемијата, тој број се зголемил на 889 милиони.
Заменик-генералниот секретар на ОН, Амина Мохамед, рече дека новиот план за надминување на проблемот со сиромаштија доаѓа во време на растечки еколошки и климатски кризи, долготрајна пандемија на коронавирусот и глобално влијание на војната во Украина.