Ѓорчев: Владата на Заев и на Ковачевски двојно го зголеми долгот од сите влади заедно во претходните 20 години

-Македонија со оваа власт го има највисокиот буџет во историјата или 5 милијарди и 300 милиони евра, што ќе се исцеди од народот и од стопанството. Пред 5-6 години „коси корнеа“ и велеа дека буџет од 3 милијарди евра е преголем, а со тој буџет имаше реновирани болници, се градеа патишта… Сега 5,3 милијарди евра и нема ништо од капиталните инвестиции и се реализираа едвај 20 проценти од нив, рече Влатко Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа.

Тој дополни дека само за последниот месец секој граѓанин го задолжуваме за 700 евра и дека оваа Влада го има дуплирано долгот на сите влади од претходните 20 години.

„Ваквото задолжување е безобразно. Формулата за економски напредок е јасна, на Македонија и требаат одговорни луѓе и асален премиер и влада. Влада која ќе постави и камен темелник и ќе пресече лента на завршен проект. Бројките се загрижувачки и ги чувствуваме преку цените, чаре е тоа што на Македонија и треба премиер, енергетичар, таков е Христијан Мицкоски, и влада која ќе испорача резултати. Ниедна држава не се развила со здолжување, тоа може да е привремен бајпас, но не може целата економска филозофија да биде задолжување, а кој ќе ги враќа парите ќе видиме еден ден. Дополнително 20 отсто официјално е инфлацијата, неофицијално е многу поголема“, рече Ѓорчев.

Тој објасни дека ако некој има 400 или 500 евра плата и должи 6.000 евра, и на тоа да течат камати, е нереално. Никој, додаде тој, ако е одговорен не би си го задолжил семејството ако нема пари. „Тоа води кон банкрот, таква е состојбата и со Македонија“, заклучи Ѓорчев.