Османи: Албанците нема потреба да бидат убедувани, со години го чекаа зачленувањето во ЕУ и НАТО

Ставот на Демократската Унија за интеграција, која кампањата за референдумот ќе ја почне на 10 септември, е  дека на гласањето луѓето ќе имаат две опции, едната ЗА европска Македонија, а другата против. Токму поради раширениот став меѓу етничките Албанци во земјава кои со години чекаат зачленување во НАТО и ЕУ, вицепремиерот  Бујар Османи вели дека нема потреба некој нив да ги убедува во врска со референдумот.

Тој верува дека гласањето ќе биде успешно, односно Договорот со Грција за компромисно име на Македонија, со географска додавка, ќе биде поддржан од мнозинството:

„Албанците едвај го чекаат 30-ти септември за еднаш засекогаш да ги елиминираат можностите за руско влијание во иднина тука над нас. Ние знаеме дека НАТО гарантира стабилност, мир, економски просперитет, подобри плати, гарантира нашите деца да останат тука. ЕУ овозможува економски прогрес и систем на вредности за сите земји членки на ЕУ. Ова нема да биде кампања за да се убедуваат Албанците, бидејќи тие одвај го чекаат 30 септември, за сами да придонесат за иднината на своите деца.“, изјави Бујар Османи, вицепремиер.

„Албанците не треба да се убедуваат за референдумот. Албанците се оние кои со години бараа Македонија да стане дел од НАТО и ЕУ, бидејќи НАТО им гарантира на Албанците да бидат дел од европското семејство и никогаш нема да бидат под влијание на истокот како Русија и нејзината област на влијание од земјите во регионот. Албанците добро знаат како се одразуваа руските и источните влијанија врз нив. Тие сакаат еднаш и засекогаш заедно со другите Албанци во регионот да бидат дел од европското семејство и затоа не треба да бидат убедувани. Албанците го чекаат овој ден. Албанците со нетрпение го очекуваат 30 септември еднаш и засекогаш да прекинат каква било можност за руско влијание кај нас во иднина“, рече Османи.

Но во Тетово очигледно има кој да се убедува. Карванот на коалицијата насловен како „За Европска Македонија“ предводен од владините партии, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, го почна токму таму, истакнувајќи дека освен поддршка за Договорот со Грција како клуч за евро-атланско интегрирање, граѓаните немаат друга алтернатива.

Димитров во Тетово беше придружуван од градоначалничката, Теута Арифи, која рече дека интензивно ќе работи за информирање на своите сограѓани за поширокиот досег на изјаснувањето:

Ова е кампања во која сите сме вклучени без разлика на етничката припадност и политичките убедувања. Ние формиравме штаб за да дадеме придонес во овој процес и да бидеме дел од оваа кампања, бидејќи идејата за членство во НАТО и ЕУ е една од гарантните столбови на Охридскиот Договор“, рече првиот човек на Општина Тетово, Теута Арифи.

Опозициската  ВМРО-ДПМНЕ, со соопштение одново го нападна Договорот со Грција , оценувајќи го како алатка за бришење на идентитетот и откажување од традицијата, културата и историјата на Македонија. Но од редовите на партијата деновиве се слушаат и поинакви размислувања,  односно позитивен став кон закажаниот референдум.