Османи: Македонија ги исполни условите, на ред е ЕУ да испорача

Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека С Македонија и Албанија нема да бидат раздвоени на патот кон ЕУ, оти тоа е погрешна дебата и ние не треба да се откажеме од можноста да се одржи меѓувладината конференција во јуни и да се почнат преговори.

„Сметам дека процесот треба да се засновува на стриктни критериуми на исполнетост на условите. С Македонија ги исполни условите и испорача, на ред е ЕУ да испорача“, вели Османи.

Османи повтори дека земјите од регионот како Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора будно го следат процесот на С Македонија кон ЕУ, односно следат како ЕУ ќе одговори кон нас, бидејќи како што рече земјава има нетипичен и брз развој во исполнување на потребните барања за отпочнување пристапни преговори.

„Прво, мислам дека погрешна е дебатата што се насочува во јавноста. Ова не е прашање дали Албанија ќе ги почне преговорите или не, тоа е прашање на Албанија. Ние го поставуваме прашањето дали ние треба да ги почнеме преговорите, сметајќи дека сме ги исполниле сите критериуми, дури и сме ги надминале, во поглед на политичките, во поглед на економските и во поглед на транспонирањето на евроското законодавство. Затоа овој имагинарен ѕид за започнување на преговори не само што стана симбол на нашите европски аспирации, туку стана тест на кредибилитетот на ЕУ“, изјави Османи денеска по настанот организиран во пресрет на Денот на Европа.

Тој додаде дека има политичка одлука за започнување на преговорите на С Македонија со ЕУ и смета дека проблемот со Бугарија може да се надмине и со техничката влада на Бугарија.

„Ако не се спроведуваат политичките одлуки, тогаш зошто се носат? Сите земји-членки на ЕУ се согласија дека С Македонија треба да ги почне преговорите. Ние сметавме дека по изборите во Бугарија ќе се формира влада и дека процесот ќе продолжи за надминување на спорот, но очигледно таму ќе има техничка влада, што не значи да не се продолжи со разговорите. Одлуката за првата меѓувладина конференција е техничка одлука бидејќи политичката одлука за почеток на преговори беше донесена во март минатата година“, вели Османи.