Шефот на дипломатијата Бујар Османи оцени во средата дека неколкуте претходни протесни ноти од Бугарија до земјата и повикувањето на македонскиот в.д. амбасадор во Софија на разговор ги симнале односите меѓу двете земји на најниско ниво.
„Можам да констатирам дека се можеби на најниската точка во последниот период, но јас мислам дека постои потенцијал за враќање на довербата помеѓу држави, на враќање на нормалната комуникација, на враќање на меѓусебната соработка, само треба да се рационализира таа дебата и тој пристап. Изборите не помагаат обично во рационализација на таа дебата и не само во Бугарија. Така беше и кога ние имавме избори. Така е секогаш, изборите ги киднапираат нормалните политички дебати, но јас сум убеден дека во нашите односи има потенцијал да се врати дебатата на една нормална комуникација и меѓусебно почитување“, рече Османи кој денеска се обрати на средба со новинарите по повод презентацијата на активностите и улогата на француската развојна Агенција во земјава.
Се надевам, додаде Османи, и мислам дека е интерес и на Бугарија, интерес на целата ЕУ е да се фати јунскиот рок за започнување на преговори, бидејќи после тоа станува се понепредвидлив процесот, а тоа не е во интерес на регионот, не е во интерес на ЕУ.