Осуден на шест месеци затвор за накашлување кон полицаец

Маж во средата е осуден на шест месеци затвор поради тоа што се накашлал кон полицаец кој вршел рутинска проверка, откако рекол дека е заразен со коронавирус, соопшти лондонската полиција.

„Сметаме дека ова е првата затворска казна изречена во Лондон за инцидент поврзан со Covid-19 во кој учестувал полициски службеник“, се наведува во соопштението на полицијата на британската престолнина.

Инцидентот со случил во вторникот, кога полицаец проверувал 55-годишник откако минувач предупредил дека маж обива автомобили во квартот Вестминстер, на западот на Лондон.

Кога полицаец сакал да го претресе, сега осудениот Адам Луис извикал: „Имам ковид! Ќе ти се искашлам в лице и ќе го добиеш!“. Луис потоа намерно се накашлал кон полицаецот, сакал да го плукне и да го гризне, се додава во полициското соопштение.

Уапсен е поради обид за нанесување тешки телесни повреди, а во среда лондонски суд го осуди на шестмесечна затворска казна поради напад на припадник на силите за спроведување на редот.