Осум месеци затвор за Бетим Касами, учесник во насилниот протест за „Монструм“

Обвинетиот Бетим Касами, е осуден на казна затвор од осум месеци за насилните настани од 26 февруари кога се протестираше против пресудата за случајот „Монструм”. Судот при одредување на казната, рече дека ја имал предвид здравствената состојба на обвинетиот.

Обвинетиот Бетим Касами, пред судот се произнесе дека ја прифаќа вината за сторено кривично дело учество во насилна толпа.

– Да, бев на протести. Го признавам делото. Доброволно го прифаќам делото. Се каам за стореното и го молам судот поблаго да ме казни – рече обвинетиот Касами.

Застапникот на обвинението, обвинителката Марија Демирова – Панајотова, во завршните зборови против обвинетиот Касами, рече фактичната состојба во овој предмет е неспорна и дека обвинетиот го сторил кривичното дело, односно побара истиот да биде прогласен за виновен. Воедно, побара судот да ги земе во предвид олеснителните и отежнителните околности, меѓудругото и последиците што настанале како резултат на стореното кривично дело (повреда на 11 полициски службеници).

Адвокатката Иванка Јакимовска истакна дека обвинетиот Касами е млада личност која првпат е во судир со законот, односно со мерката притвор разбрал дека погрешил.

– Пред себе имате личност кој наивно е влезен во овој кривичен настан, тоа е и податокот дека во овој настан влегол како редар. Понесен од толпата не можел да реагира како што би требало да реагира – рече адвокатката Јакимовска.

Полициските службеници кои биле дел од обезбедување на протестите против пресудата за случајот ,,Монструм”, беа поделени во однос на оштетното побарување и приклучување кон кривичниот прогон.

Судењето за насилните настани од 26 февруари го води судијата Марин Станевски.

На претходното рочиште за овој настан, со по една година затвор беа осудени три лица кои според обвинението учествувале во насилните протести на 26 февруари.

Воедно, одбраната на обвинетиот Фабио Идризи, осомничен дека учествувал во насилните протести против пресудата за случајот „Монструм”, до судот доставил листа на сведоци со цел побивање на обвинението поднесено од скопското обвинителство.

Судот во овој случај го задолжи адвокатот Асмир Алиспахиќ во рок од три дена да ги достави адресите на предложените сведоци на кои судот треба да им прати покани.