Осум жртви во Париз, едно лице уапсено под сомнеж дека го предизвикало пожарот

Бројот на загинати при пожарот во станбена зграда во Париз се зголеми на осум лица, 30-на други се повредени, меѓу кои има и шестмина пожарникари, јави дописникот на МИА.

Едно од повредените лица се наоѓа во животна опасност. Според јавниот обвинител Реми Хеиц, некои од загинатите паднале од зградата, додека некои се пронајдени во опожарените станови. Огнот е изгаснат, но операцијата на пожарникарите и истражните органи се уште е во тек. Во гаснење на пожарот биле ангажирани 250 пожарникари. Можно е билансот на жртвите да се зголеми, бидејќи моментно се испитуваат последните катови на зградата, каде пожарот бил најсилен.

Причината за инцидентот се уште не е позната, но истражните органи сметаат дека станува збор за намерно подметнат пожар.

Една 41-годишна жена е притворена утрово во рамки на истрагата која се води за намерно уништувања на добра со подметнување пожар и смртни последици. Жената, според помошник градоначалникот на Париз Емануел Грегуар, била во „алкохолизирана состојба“ и го оправдала својот чин со конфликтот што го имала со својот сосед.

Зградата е изградена во 70-те години на минатиот век, а жителите за да се спасат побегнале на покривот, од каде беа симнати со помош на пожарникарите. Педесетина лица се евакуирани, исто како и соседните згради, кои се наоѓаат во овој луксузен дел на Париз.