Денеска официјално се отвори новиот Центар за поддршка на згрижувачки семејства на СОС Детско село, кој е трет во државата и ќе обезбедува услуги за 60 згрижувачки семејства.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска истакна дека креирањето на политики и преземањето на конкретни чекори во унапредувањето на детската заштита за Владата и министерството се од особено значење. Таа ја потенцираше семејната средина како особено важна за правилен раст и развој на секое дете.
„Во последниве неколку години во Република Северна Македонија интензивно се работи на развивање на формата сместување во згрижувачко семејство како вонинституционална форма на заштита која се применува долг период на нашите простори. МТСПпрезеде низа активности за развој на оваа форма на заштита преку донесување на законски и подзаконски акти, упатства и програми за работа, како и обуки на стручните работници во насока на зголемување на бројот и квалитетот на згрижувачките семејства“, рече таа.
Додаде дека, во делот на поддршка на згрижувачките семејства како нова форма за прв пат е предвиден Центар за поддршка на згрижувачки семејства кој треба да врши промоција на услугата згрижување во семејство,подготовка, проценка и обука на идни згрижувачки како и да ги следи и дава поддршка на постојните згрижувачки семејства.
„СОС Детско село е наш долгогодишен партнер во гржата за децата без родители и родителска грижа. И сосема природно е да се вклучи во овој процес преку воспоставување на Центар за поддршка на згрижувачки семејства во рамките на установата. За оваа услуга МТСП склучи договор за финансиска поддршка на околу 60 згрижувачки семејства,“ рече Тренчевска.
Центарот за поддршка на згрижувачки семејства на ПУ СОС Детско село е надлежен за поддршка и развој на згрижувачките семејства во Скопскиот, Вардарскиот и Југоисточен плански регион. Во моментот во државата има 327 згрижувачки семејства во кои се сместени вкупно 559 корисници.