Вистинска случка која ама нема никаква врска со дневно политичките дрндупки, и немав никаква идеја за било кави асоцијации, но јас сум убеден дека ќе си најдете, каков-таков заклучок.
Живееме во куќа, 5 возрасни и секако, канта е потреба. Контејнерите со отпад не се баш близу, а кантата има тркала па така може полесно секој од нас да ја однесе на место за фрлање. Но, ова е сосема друга приказна, која не знам во која категорија да ја ставам, воопшто не е битна, но во мојата кариера сум видел надреализам и небулози рамни на Монти Пајтон но оваа случка ми е нешто потполно ново и едноставно имама силна потреба да ја прераскажам, без никаков заклучок, чисто едно замачкано огледало во кое се гледам, а и сите вас.
Со син ми го прибравме отпадот и тој тргна со кантата да го фрли до контејнерите, јас останав да дометам. Го гледам како стои на улица на раскрсницата, ја држи кантата и чека да поминат возилата да ја однесе до контејнерите и го истресе сметот. Во тој миг, позади него застанува автомобил, од автомобилот излегува, човек, доаѓа до син ми кој веќе тргна со кантата кон контејнерот, му ја отргна од рацете, го отвори капакот и го фрли ѓубрето во ионака преполнетата канта, кое делумно падна и на улицата. Син ми, кој е прилично крупен, голем младич, само бело го гледаше, просто со неверување. Јас останав вџашен и напумпав адреналин затоа што бев убеден дека заради дрскоста и агресијата која му ја зеде канатата и си фрли свое ѓубре во неа дека ќе попие васпитна. Возачот пак само дрско гледаше во син ми, онака арогантно, влезе во колата и со шкрипки си замина. Син ми кул, како што го дал Господ, го собра паднатото на улица, го фрли ѓубрето и се врати. Ме погледна, бев целиот тензичен и ми рече: – Знам што мислиш, тато, ама со такви, вреди ли да се расправаш?
Ме омале. После 3 секунди прснавме да се смееме. Монти Пајтон скриена камера ко да беше.
Да му вратиш секако, не, ниту вреди ниту ќе вреди. Само игнорирање, ништо друго. Воспитната нема да му биде поучна и nикој нема да го оправда твојот шамар, и него ќе го прогласат за еколошки мученик, а тебе насилник и точка. Ова е доба на гадови, каде добрите се само за потсмев. Браво синко, подобар човек си од мене. Само, како татко, кој те сака, да ти кажам, очекувај од секого најлошо – прави од себе – најдобро, само така можеш пријатно да се изненадуваш во животот. Не може поинаку, не може, за жал.
Прости ми што како премал те индоктринирав во верата како христијанин, и со тоа си го зеде крстот и ќе трпиш вакви, па се и полоши и пострашни дела и зборови од луѓето.
Ова е доба на себичност и арогнација, ова е доба кога вулгарните се ИН, општествено признати, инфлуенсери, ова е време во кое перверзијата е оправдана, а нормалноста прогонета.
Жалам што не можам да ти оставам подобар свет. Само знај, ниедна мака не е бадијала, има „force majure“ и не чекај правда. Ти биди праведен.
Ти, синко, го доби „датумот“, … за вечноста, оти и преку сите досегашни па и и ова мало дело, само покажа кој е твојот пат и како ќе одиш натаму во животот, попрво ќе страдаш и трпиш неправда одошто да бидеш вулгарен и злобен.
Секако, ништо трагично нема во целиов настан, ова деновиве ние главен виц, дома си преаскажуваме шеги какви фаци и гримаси правел будалата, правиме вицови на негова сметка и ни останува само добро расположение.
Јас!?!? Немам што да ги учам децата, можам само да учам од нив.
Автор: Јанко Илковски за НетПрес