Според направената анализа од УЈП утврдено е дека 120 даночни обврзници кои добиле финансиска поддршка не исплатиле плата за своите вработени и за месец април и за месец мај, а осум даночни обврзници исплатиле помалку плата за двата месеца и покрај милионската поддршка која ја искористиле од државата. Дури 700 фирми од Скопје, Тетово, Гостивар, Струга, и од други населени места, направиле малверзации односно зеле финансиската поддршка од државата за исплата на плата на вработените, но не ја исплатиле на работниците.
Во врска со овој скандал, поранешниот советник на министерот Тевдовски во Министерството за финансии Бранимир Јовановиќ, на Фејсбук објави дека овие фирми не само што треба да бидат казнети, туку и нивните имиња треба да бидат јавно објавени.
– Фирмите кои добиле државна помош а не им ги исплатиле парите на работниците, веднаш да бидат казнети и објавени. Ако ова не се направи, секоја фирма во иднина ќе знае дека може слободно да си ги крши законите на штета на работниците и да поминува неказнето. И во иднина, кога ќе се дизајнираат вакви мерки, парите директно да им се исплаќаат на работниците, а не преку фирмите, напиша Јовановиќ.