Болницата „Алберт Ајнштајн“ во Сао Паоло соопшти синоќа дека еден од најдобрите светски фудбалери на сите времиња Едсон Арантес до Насименто (81), попознат како Пеле, е пуштен на домашно лекување, откако на почетокот на овој месец повторно беше хоспитализиран поради лекување на тумор на дебелото црево.
– Пациентот е во стабилна состојба и ќе продолжиме со лекување на туморот. Сега е пуштен дома, се наведува во болничкото соопштение.
Пеле кон средината на септември беше опериран од тумор на дебелото црево, а потоа беше подложен на хемотерапија.
Тој е единствениот фудбалер во историјата со три титули светски првак (1958, 1962 и 1970), а популарниот „O Rei (Крал) во кариерата постигна повеќе од 1.000 голови пред да ги закачи копачките на ѕид во 1977 година.