![Pendarovski gi odlikuva Leb i Sol](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/07/Pendarovski-gi-odlikuva-Leb-i-Sol.jpg?resize=696%2C478&ssl=1)
Претседателот Стево Пендаровски, вечерва на свечена церемонија во Кабинетот на Претседателот со „Орден за заслуги за Република Северна Македонија“ ги одликуваше Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан за извонредното, автохтоно и уникатно музичко творештво во рамките на џез-рок групата „Леб и сол“, како нејзини предводници, со којашто оставија трајни вредности во современата македонска музика и придонесоа за афирмација на македонската музичка уметност и на македонската култура во светот, како и за нивните значајни солистички постигнувања.
На церемонијата на доделување на медалите, во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека музиката, опусот, животното дело на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан се национално наследство кое е одамна впишано во културната и социјалната ДНК на нашата држава, на македонскиот народ и на сите наши граѓани.
„Вашата музика, драги лауреати, во дамарите на македонската душа има митски димензии, затоа што претставува културно наследство со кое се идентификуваа и растеа и сѐ уште растат и живеат генерации Македонци“, рече претседателот Пендаровски.