Повлекувањето на британскиот принц Филип од јавниот живот уште во четвртокот беше објавено во сите светски медиуми, но неговите најверни и најоддалечени обожаватели на тихоокеанскиот архипелаг дури во саботата ја чуле оваа вест.
Племе на архипелагот Ванауту во саботата останало запрепастно кога дознало дека човекот кого го слават како син на локалното планинско божество веќе нема да се врати на нивниот остров.
Британскиот принц Филип, кој објави дека во својата 96-та година од животот повеќе нема да се појавува на јавните настани, со или без својата сопруга кралицата Елизабета Втора, е дел од секојдневниот живот во селото Јунанен на островот Танна. Тамошното население му се молат на принцот, барајќи го неговиот благослов за насадите со банани и сладок компир кој ја одржуваат во живот нивната сиромашна но одржлива заедница.
„Доколку тој еден ден дојде, луѓето нема да бидат сиромашни, нема да има болести и долгови, а градината ќе расне многу добро“, открил за Reuters водачот на селото Џек Малиа преку преведувач, седејќи во ткн Накамалу, традиционално собиралиште на племето во кое мажите во текот на ноќта го пијат опојниот пијалак каву-каву.
Месното население има неколку фотографии од принцот Филип, вклучително и онаа од 1980 година на којашто е облечен во костум и држи стап којашто островјаните му ја изработиле и испратиле во Лондон.
„Принцот Филип рече дека еден ден ќе нé посети. Ние и натаму веруваме дека тој ќе дојде, а ако не го стори тоа, овие фотографии коишто ги држам …. не значат ништо“, порачува Малиа.
Според легендата на островот, синот на богот на планината со бела кожа патува по морињата за да пронајде богата и моќна жена за женачка. Антрополозите веруваат дека Филип станал поврзан со оваа легенда во шеесеттите години кога Ванауту биле англиско-француска колонија позната под името Нови Хебриди. Племето најверојатно тогаш ги видело портретите на принцот Филип и кралицата Елизабета Втора во владините канцеларии и полициските станици кои ги воделе колонијалните службеници, а верувањето зајакнало со посетата на кралската двојка на Нови Хебриди во 1974 година.
https://www.youtube.com/watch?v=zWcVMpr_YKQ