По 111 години Лестер ја оствари рекордната гостинска победа во историјата на првата англиска дивизија

Изненадувачкиот шампион од пред неколку сезони, Лестер Сити во петокот вечерта како гостин во рамките на десеттото коло на англиското фудбалско првенство со 9:0 го разби Саутемптон, остварувајќи ја највисоката гостинска победа во историјата на најелитната класа.

Лестер со овој резултат ја израмни најубедливата победа во историјата на Премиер лигата, основана во 1992 година, која ја постигна во 1995 година Манчестер Јунајтед кој со девет голови разлика – 10:1 го совлада Ипсвич Таун.

Меѓутоа, оваа победа на Лестер е највисоката гостинска победа во 131-годишната историја на најквалитетната англиска лига. Претходно највисоката победа на гостување во рамките на првата дивизија му припаѓаше на Сандерленд кој со 9:1 го совладал Њукасл, во првата декада од минатиот век – 1908 година.

Лестер, исто така, стана вториот клуб во историјата кој успеал да постигне пет голови во првото полувреме на гостински натпревар во Премиер лигата. Претходно тоа го оствари Манчестер Сити, на 3-ти април 2010 година го совлада Барнли со вкупен резултат од 6:1, а по првиот дел имаше водство од 5:0.

На само три од 10.506 натпревари во 27-те сезони на Премиер лигата, некој од противниците до полувремето остварил предност од пет или повеќе голови, а два од овие три меча се одиграа сезонава. Во септември годинава Манчестер Сити дома против Вотфорд имаше водство од 5:0 до паузата во мечот кој заврши со резултат 8:0.

За Лестер вечерва по три погодока постигнаа Ајосе Перез, во 19, 39 и 57 минута, и Џејмс Варди во 45, 58 и третата минута од судиското продолжение, а меѓу стрелците се впишаа и Бен Чилвел во 10, Јури Тилемнас во 17 и Џејмс Медисон во 85 минута. Саутемптон од 12 минута играше со играч помалки по исклучувањето на бекот Рајан Бетран

Со тоа Лестер стана и само вториот тим во досегашната историја на Премиер лигата а за кој двајца фудбалери на еден натпревар постигнале „хет-трик“, по Арсенал за кој во мај 2003 година исто така против Саутемптон по три погодока постигнаа Пенант и Пирес.

За Лестер ова е шеста победа во последните осум кола и со новите три бода се проби моментано на второто место на табелата со 20 бодови, пет помалку од водечкиот Ливепрул, а еден повеќе од третиот Манчестер Сити. Додека Саутемптон ја продолжи серијата од пет кола без победа и е 18-ти со осум бодови.